Отскокни од витрините

Милош Ристоски

во ИТ.МК, Совети

Ова е гостински текст од агенцијата за маркетинг и адвертајзинг squareONE, кој е дел од IT.mk серијалот тeкстови на тема маркетинг и дигитални медиуми.


Дали некогаш сте биле во ситуација каде сте купиле производ поради изгледот на амбалажата и креативниот начин на неговото пакување? Со сигурност велам да, но што е тоа што го направило пакувањето забележливо и единствено?

За многу компании, пакувањето е трошок, но и можност. Првата интеракција која ја има клиентот со вашиот физички производ е токму амбалажата. Таа зборува за вас, вашиот квалитет и бренд.
Атрактивната и ефективна амбалажа е клучот не само за успешна промоција на производот, туку и за градење на целосната перцепција на потрошувачите за вашата компанија.

Дали сте ја чуле изреката, „не ја осудувајте книгата по нејзините корици?“ Иако вкупната вредност на вашиот производ не зависи од неговата надворешна визуелизација, сепак истата е честопати првата, а понекогаш и единствената шанса клиентот да го одбере вашиот производ.

Секој од нас користи околу пет до седум секунди за да донесе одлука за купување на производ во продавница. Предизвикот тука е во фактот што во просек нашето потрошувачко искуство е изложено на избор од над 40.000 различни производи, кои секојдневно се борат да го привлечат нашето внимание. Ефективното пакување е еден од начините како да се издвоите од вашата конкуренција и да привлечете нови клиенти.

Овојпат решивме со вас да споделиме само дел од статистиките како заклучок од едно истражување на престижниот бизнис портал (www.businessinsider.com) кои докажуваат зошто дизајнот на пакувањето е клучен за успехот на вашиот производ.

Речиси една третина од потрошувачките одлуки се резултат на пакувањето; 66% од потрошувачите се решаваат да купат нов производ токму поради изгледот на пакувањето; дизајнот на пакувањето ја зголемува продажбата за 30% повеќе отколку останатите канали на маркетинг промоција; 75% од потрошувачите на возраст од 18-25 години го споделуваат производот на социјалните медиуми токму поради изгледот на амбалажата.

Како компанија, секогаш треба да дадете добра причина на вашата публика зошто да го изберат вашиот бренд во однос на останатите. Прашањето „Зошто да го купам производот?“ ви дозволува јасно и лесно да ги сумирате главните компоненти кои треба да ги прикажува вашиот дизајн.

Секој производ има барем една карактеристика која го прави различен од останатите. Токму таа која ве мотивирала да го развиете вашиот производ е сегментот кој ветува најмногу. Потрудете се овој мотив да биде информативен и едноставен, се со цел потрошувачите лесно да ги увидат карактеристиките на производот и користа од истиот.

Внимавајте, графичкиот дизајн на пакувањето треба да одговара на структурното пакување. Ако тоа не се случи, тогаш потенцијалната публика има можност да го изгуби интересот за вашиот бренд.

Несомнено е дека креирањето на визуелна презентација за вашиот производ треба да биде ваш приоритет. Размислете на тоа каде ќе се продава производот и користете го ова како упатство за дизајнирање на пакувањето. Ставете акцент на типографијата која ќе ја употребите, како и автентичноста на колор мапите, чија моќ ќе ви помогне да се издвоите од останатите.

Бидејќи ова е навистина прашање на креативност и истражување, речиси е невозможно да се даде објективен совет како да се биде „автентичен“. Но, оригиналноста, карактерот и иновативноста е формулата која секогаш ќе ве одведе далеку, а истата со сигурност ќе ја препознаете и во јадрото на многу успешни брендови и нивните одличните дизајни на пакување.

Секоја година, 95 проценти од новите производи не успеваат, па затоа инвестирајте во професионална работа, бидејќи професионалните графички дизајнери го знаат својот занает и секогаш ќе ви понудат дизајн кој ќе ја отсликува вашата мисија. Не се ограничувајте кога станува збор за вашата амбалажа и никогаш не ја потценувајте моќта која истата ја создава во формирањето на силна и трајна врска со потрошувачите.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии