Кога се подготвував да дојдам на оваа конференција, бев загрижен за тоа што ќе го кажам. Доаѓам од организација која воглавно се занимава со хакирање и не бев сигурен дали ќе можам да го спојам тоа со темата на овој настан. Но, тогаш се сетив на нашата вообичаена дефиниција за хакерите – луѓе кои игриво ги проучуваат сложените системи кои останатите ги земаат здраво за готово. Општеството е таков систем, a активизмот е потфат да се промени нешто во него. Значи, ќе зборувам за хакерите.

Но, исто така ова конференција е за друштвени медиуми. Па затоа мислам да започнам со приказната што нѐ враќа назад во далечната 1983 година, кога на тогашната „друштвена мрежа“ – usenet, или тогаш популарните њуз групи, еден хакер напиша „статус“ за започнување на проектот за слободен Unix. Веројатно е вистина дека секој активизам започнува со некакво објавување на намерите. Ако сакате да го смените светот, зошто и да не го извесите за тоа? Не го знам точниот број на „лајкови“ што овој „статус“ ги добил, но можам да кажам неколку работи за ефектите од него, денес, речиси триесет години потоа.

Во приказнава станува збор за Ричард Сталман и за слободниот оперативен систем познат како GNU/Linux, можеби полесно препознатлив под имињата на некои од комерцијалните брендови кои се во секојдневна употреба. Придонесот на овој хак е огромен во светот на технологиите: од аспект на бизнисот тој е доминантен на сите поголеми пазари, не броејќи го пазарот на десктоп компјутери; од аспект на омоќувањето на луѓето тој е заслужен за достап на врвна технологија на места каде тоа инаку би било тешко замисливо; од аспект на прашањата за авторски права тој е ѕвезда водилка во креирањето на средини каде цути соработката и споделувањето, од Wikipedia до Creative Commons. Приказната за Сталман и ГНУ е навистина извонредна. Но, вистинското прашање овде денес е дали таа е толку невообичаена кога станува збор за активизам?

Сакам да мислам дека кога станува збор за активизам ова воопшто не е невообичаено. Кога се обидуваме да смените нешто во средината во која живееме, било тоа ѓубре на улица или цензура на интернет, по правило одиме спроти воспоставената пракса, спроти ветрот ако сакате. Размислете за тоа што Сталман требал да направи за да создаде слободен оперативен систем. Тој морал повторно да ги напише, буква по буква, знак по знак, сите програми, алатки и апликации што сочинуваат еден оперативен систем. Ќе се сложите дека неговиот статус на тогашниот „фејсбук“ сигурно предизвикал неколку „како не“ реакции. Сепак, сосема солиден оперативен систем постоел и тогаш и тој бил во широка и секојдневна употреба.

Активизмот можеби започнува со пишување на статус, проглас, манифест или слично, но вистинска, тешка, долготрајна работа мора да следи за тој навистина да предизвика некаква промена во општеството. Исто така, тој оди спроти авторитетот. Приказната за GNU/Linux немаше да биде комплетна без второто зборче во него: кернелот Linux. Напишан од тогашниот студент Линус Торвалдс, Linux е дело што директно му се спротиставило на професорот Танебаум, во тоа време авторитет по прашањето за пишување на ваков вид на софтвер. Тоа што Линус има опсежна дебата со Танебаум на тогашниот интернет, покажува дека форуми за дискусии и размена на идеи ретко недостасуваат. Тоа што го прави Linux посебен е времето посветено на негово пишување, а тоа е секој ден, ден за ден, во период од неколку месеци, со минимум сон.

Се разбира, ни Сталман ни Линус не работеле сосема сами. Нивната посветеност била инспирација за многу други луѓе кои им се приклучиле во овие потфати, но тоа што е многу интересно е дека и оние кои се приклучиле поради поинакви причини од оние на нивните оригинални автори помогнале во создавањето на ефекти кои што се прелеваат во пошироката средина. А тоа ми се чини е уште една од вистинските одлики на активизмот.

Wikipedia е уште еден пример кој совршено одговара на овој модел: спроти-ветрот-многу-работа-широки-корисни-ефекти. Кога идјеата за енциклопедија што секој ќе може да ја уредува прв пат е предложена, токму Сталман е тој што ќе рече дека за еден таков потфат се потребни десет години. Сепак, за само околу три години Wikipedia станува реалност која сите ја користиме.

Најскорешен ваков пример можеби е Wikipedia. Настрана од сите приказни за таблоиди, или вашето убедување за оправданоста на оваа организација, во срцето на проектот стои макотрпна работа, надвор од вообичаните пракси, со ефекти кои се пошироки од тоа што било кој можел да очекува до пред неколку години.

Тешко е да се одговори на прашањето како ќе изгледаше светот ако сите овие, а и многу други, останеа на својата објава дека сакаат нешто да прават. Но, мислам дека со сигурност се повторува еден рефрен во овие неколку примери: пишувањето на нашиот манифест на нашиот блог нема да нѐ однесе многу далеку.

Некаде во 2004 година еден учесник на поштенска листа која се занимава со интернет, култура и технологија, напиша порака која лесно привлекува внимание, пред се поради текстот што е напишан со сите големи букви. Но, откако ќе ја прочитате, таму ќе видите многу интересна поента. Пишувањето на интернет е бесплатно. Реториката „ние сме добри, а тие се лоши“ има мала, ако воопшто има некаква, вредност. Она што е потребно е да се исполнуваат цели. Мислам дека тоа може да се направи само откако ќе го минимизираме прозорецот со нотификации. Предлагам да се обидеме веднаш.

5 коментари на “Отаде тајмлајнот @ #engagemk

  1. „спроти-ветрот-многу-работа-широки-корисни-ефекти“

    Зарем постои ваков збор или фраза во Македонскиот јазик? И после некој ќе рече, луѓе, ни отиде јазикот со интернационализми.

    Луѓе, постои многу подобра комбинација на зборови од ова со цртички. Можеби функционира супер на англиски, но на македонски е сосема поинаква приказната. Ги имам забележано и другите од it.mk дека го прават тоа.

    Еден пример како сте можеле ова да го напишете: макотрпна работа во насока спроти ветрот која има широки корисни ефекти. Сега сум сигурен дека сите ќе не разберат.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии