Осврт на кариерата на Бил Гејтс

По 44 години од основањето на компанијата Microsoft која со своите над 148.000 вработени и приходи од преку 125 милијарди US долари денес важи за гигант во ИТ индустријата, Бил Гејтс се повлече и од бордот на Microsoft. Во изјавата која ја објави на својот LinkedIn профил, тој вели дека има желба да се посвети на филантропија, како и да го зголеми својот придонес во борбата со климатските промени кои се случуваат низ светот. Иако во 2014 се повлече од позицијата на извршен директор, Гејтс остана на позиција на технички советник и член на бордот на директори. И покрај фактот што се повлекува од бордот, на барање на моменталниот извршен директор на Microsoft, ќе остане како технички советник.

И покрај фактот што Гејтс во својата изјава тврди дека ова е вистинското време за ваква одлука, бидејќи водството на компанијата е во одлични раце, сепак останува фактот дека Microsoft нема да биде ист без него.

Image result for bill gates

Кој е Бил Гејтс?

Вилијам Хенри Гејтс Третиот, или Бил Гејтс, е роден во октомври, 1955 година, во Сиетл, Вашингтон, САД. На возраст од 20 години, заедно со неговиот другар од детството Пол Ален, ја основаат компанијата Microsoft, која денес е најголемата софтверска компанија за персонални компјутери.

Како мал, неговите родители имале желба Гејтс да се едуцира како правник. Растен е во семејство во кое што секогаш бил охрабруван натпреварувачки дух, без оглед на тоа за што се работи. На 13 години се запишува во приватното училиште Лејксајд и на истата таа возраст го напишал првиот софтверски програм.

Во осмо одделение, училиштето со средства собрани од распродажба купува терминал, Teletype Model 33 ASR, на General Electric за студентите. Со огромниот интерес на Гејтс за програмирање на оперативниот систем во BASIC, бил ослободен и од некои часови за да може да посвети повеќе време токму на својата омилена активност. Неговиот прв софтверски програм бил всушност варијанта на популарната игра Tic Tac Toe, во која што корисникот можел да игра против компјутерот. Гејтс изјавува фасцинација од фактот што кодот кој тој го напишал бил секогаш извршуван совршено, без никакви отстапки.

Неколку години подоцна, тој го основа клубот на програмери во истото училиште, каде заедно со неколку од неговите другари се понудиле да бараат софтверски пропусти, а за возврат побарале повеќе време пред компјутерите. Гејтс, заедно со Кент Еванс, еден од неговите другари од детството, биле и позади училишниот систем за распоред на часови. Овој систем бил одговорен и за распределба на учениците по одделениа, нешто што Гејтс го искористил – со мала модификација на кодот на начин што тој во секој момент бил сместен во одделение кое имало голем број на интересни девојки.

Во 1973, со резултат од 1590 поени од максимални 1600 на стандардизираните SAT тестови, Гејтс се запишува на Харвард, каде што се запознава со Стив Балмер. Две години подоцна, Гејтс се отпишал од Харвард, додека Балмер останува, и го завршува факултетот со magna cum laude почести. Како студент на Харвард, Гејтс немал некој посебен план за неговото образование, и поминувал многу време на училишните компјутери.

Пред неговото отпишување од факултетот, во 1974 година, Гејтс, заедно со Пол Ален со кого останал во контакт од Лејксајд, се договориле со MITS (Micro Instrumentation and Telemetry Systems) да развијат верзија на нивната Altair 8800 платформа која работи со BASIC. Кога MITS го најмиле Ален да работи за нив, Гејтс му се придружил, со што привремено го напуштил факултетот. Во 1975 година, двајцата го именувале нивното партнерство “Micro-soft”, комбинација од термините “microcomputer” и “software”. По нецела година, ја тргнале цртичката од името и го регистрирале Microsoft, по што Гејтс не се вратил на Харвард за да си ги доврши студиите.  

Првото лого на Microsoft во 1975

Неговата улога во Microsoft

Во 1976 година, Гејтс и Ален се одвоиле од MITS, и Microsoft станува независна компанија која развива софтвер за најразлични системи. Три години подоцна, компанијата се префрла во сојузната држава Вашингтон. Гејтс вели дека лично ја има прегледано, и неретко препишано, секоја линија код која била напишана во Microsoft во првите пет години од неговото постоење.

Секако, најголемиот раст на Гејтс и на Microsoft доаѓа од нивното партнерство со IBM. Имено, договорот бил Microsoft да достави оперативен систем за IBM PC, компјутерот кој требало да излезе во 1980 година. Иако првично Гејтс им препорачал да ги контактираат DRI (Digital Research), кои стоеле позади CP/M оперативниот систем, разговорите со нив не поминале во најдобар ред, па IBM се вратиле кај Гејтс и Microsoft.

Она што Гејтс всушност го направил е договор со Тим Патерсон, кој веќе имал развиено оперативен систем за хардвер сличен на оној на IBM, познат како 86-DOS. Microsoft станале ексклузивен агент за лиценцирање на 86-DOS, и подоцна и сопственик на оперативниот систем. Со тоа, го вработиле Патерсон да го адаптира овој оперативен систем, и истиот го доставиле на IBM под името PC-DOS.

QDOS (Quick and Dirty Operating System) или 86-DOS

Финансиски, Microsoft не добиле премногу од ова, бидејќи оперативниот систем бил доставен за еднократен надомест од 50 илјади долари.  Од друга страна, фактот што токму Microsoft стоеле позади оперативниот систем на компјутерот на IBM, им носи многу престиж и е почетокот на трансформацијата на Microsoft од мала компанија, во гигант во ИТ индустријата.

Image result for bill gates

Во 1981, компанијата била реструктурирана и Гејтс бил поставен за претседател на бордот, додека Пол Ален ја добил позицијата на потпретседател. Две години подоцна, во 1983, Ален ја напушта компанијата од здравствени причини. Со оглед на фактот што нивното партнерство не било во најдобра состојба поради расправии за сопственост на компанијата, оваа ситуација потполно го растурила и формалното бизнис партнерство. Сепак, по неколку години Гејтс и Ален ги надминале проблемите, и остануваат пријатели до смртта на Ален во 2018.

Microsoft, под водство на Гејтс, ја пушта во продажба првата верзија на својот оперативен систем Microsoft Windows на 20-ти ноември, 1985, за денес тој да прерасне во најкористениот оперативен систем на персоналните компјутери низ светот.

Како човек со многу одговорности во Microsoft, од извршен директор, до активен девелопер и стратегист, Гејтс бил познат како човек со кој не може многу да се комуницира. Неретко не кревал на телефон, не возвраќал на повиците, и знаел да е прилично борбен во комуникацијата со менаџментот на Microsoft, особено кога ќе приметел дека некоја бизнис стратегија може лошо да влијае на компанијата на долг рок. Секако, ваквото однесување доаѓа од неговата љубов спрема компанијата, и желбата таа да опстане долго по неговото напуштање на истата.

Гејтс останува извршен директор во Microsoft до 2000 година, кога бил наследен од Стив Балмер. Балмер ја држи функцијата на извршен директор до неговата оставка, во 2014 година. Во меѓувреме, во 2006 година, Гејтс најавува дека ќе транзиционира од неговата улога во Microsoft и ќе посвети повеќе време на филантропија. Секако, до пред неколку дена, тој беше член на бордот на директори, позиција од која официјално се повлече на 14ти март, 44 години по основањето на компанијата.

Фондацијата “Bill & Melinda Gates”

Откако Гејтс донирал дел од неговите акции во Microsoft во добротворни цели во 1994 година, ја креирал “William H. Gates” фондацијата. Подоцна, во 2000 година, заедно со неговата сопруга, соединиле три семејни фондации и донирале акции во вредност од 5 милијарди долари, и со тоа ја креирале “Bill & Melinda Gates” фондацијата. Истата во 2013 година била прогласена за најбогатата хуманитарна фондација во светот, која располага со средства во вредност од повеќе од 34.6 милијарди долари. Карактеристично за оваа фондација е што, за разлика од многу други, им дава пристап на добротворите на фондацијата до информации за тоа како се трошат нивните пари.

Image result for bill gates
Бил и Мелинда Гејтс

Како инспирација и влијание за фондацијата, Гејтс дава заслуга на Рокфелер, со кого се има сретнато во неколку наврати, заедно со неговиот татко. Хуманитарната работа на семејството е во голем дел слична со фокусот на семејството Рокфелер. Ова е најочигледно во нивните обиди да решат глобални проблеми кои владите и другите организации ширум светот ги игнорираат.

Во 2007 година, Бил и Мелинда Гејтс биле прогласени за вторите најдарежливи филантрописти во Америка, со донации во вкупна вредност од преку 28 милијарди долари. Парот во повеќе наврати има изјавено дека планираат да донираат 95 проценти од нивното богатство во добротворни цели.

TerraPower, Cascade Investment и Berkshire Hathaway

Покрај Microsoft и фондацијата која ја има со својата сопруга, Бил Гејтс има и неколку други бизнис инвестиции во својата кариера. Најзначајни од нив се TerraPower, Cascade Investment и Berkshire Hathaway.

Основана во 2006 година, TerraPower е компанија која дизајнира нуклеарни реактори. Гејтс е основач на истата, и сеуште се води како нејзин претседател. Компанијата е позната по нејзиниот TWR реактор, кој има голема искористеност на горивото, и тоа на начин кој не бара нуклеарно репроцесирање и во иднина може потполно да ја елиминира потребата да се збогатува ураниум.

Cascade Investment, L.L.C., пак, е инвеститорска компанија со седиште во Вашингтон, САД. Со оглед на тоа дека повеќе од половина од богатството на Гејтс е надвор од акциите кои тој ги има во Microsoft, има логика ваква компанија да ги менаџира неговите инвестиции. Истата е под контрола на Гејтс, и под менаџмент на Мајкл Ларсон.  

Додека тој ги основал првите две компании, во Berkshire Hathaway тој бил само член на бордот, и е долгогодишен пријател со извршниот директор на истата, Ворен Бафет. Во изјавата која говори за неговото повлекување од Microsoft, Гејтс вели и дека се повлекува од бордот на Berkshire Hathaway во исто време.  

Што натаму?

Иако несомнено е дека многу луѓе го поистоветуваат Бил Гејтс со Microsoft, исто така е и точен фактот дека водството на компанијата е во одлични раце. Покрај ова, Гејтс останува во компанијата како технички советник, што значи дека сеуште има големо влијание врз насоката во која се движи Microsoft, како и одлуките кои ги носи нејзиниот извршен директор, Сатја Надела.  

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии