Основни совети за заштита од сајбер криминал

IT.mk редакција

во Совети

{mosimage}Во изминатите неколку години многу случувања докажаа дека не постои и никогаш не постоел 100% сигурен компјутер во светот. Факти кои го подржаа ова тврдење се огромни загуби од сајбер криминалот на фирмите кои трошат милионски суми на сигурноста на своите системи, како на пример Microsoft, Google, Yahoo!, eBay… Овие а и многу други големи компании претрпуваат голема количина на напади од кои едноставно неможат да се одбранат.

Без разлика на тоа на каков начин Вашиот компјутер е приклучен на интернет, никогаш немој да мислите  дека системот не е изложен на потенцијални хакерски напади или пак дека хакерите не би биле заинтересирани за Вашиот компјутер затоа што не содржи интересни информации.

Треба да знаете дека постојат многу различни начини преку кои сајбер криминалците навлегуваат во Вашите системи, некои испраќаат е-маил кој содржи вирус кој кога е активиран извршува специјални команди без Ваше знаење и им овозможува на хакерите практично слободен влез во системот. Во други случаи напаѓачите се јавуваат или контактираат преку ИМ клиенти, е-маил или телефон претставувајќи се како некој друг за да се здобијат со саканите информации. Овој вид на напад популарно се нарекува социјален инжинеринг.

Без разлика дали користите Microsoft Windows, Apple Macintosh, Linux или некој друг оперативен систем, треба да знаете дека сите се соочуваат со проблеми од компјутерски напади (некои повеќе заради својата популарност, некои помалку) и без разлика што постојано излегуваат нови верзии, кои секогаш се посигурни и подобри, опасноста е секогаш присутна.

Сигурноста на Вашиот компјутер зависи на прво место од Вашите постапки во одредени ситуации. За да постапувате правилно, треба да бидете добро информирани и да имате интерест за случувањата во дигиталниот свет. Човечкото однесување по природа е формирано да може корисникот  лесно да се убеди во нешто и затоа важно е да се внимава со кого и какви информации се разменуваат. Вашето име и адреса на живеење се доволни за крадците на идентитети да го почнат својот "процес" при кој можат во голема мера да Ви го загрозрозат животот.

Сигурноста на компјутерските системи е зависна од многу фактори и за да се овозможи ефективна заштита потребно е големо знаење и искуство. Основните работи кои секој корисник треба да ги знае се:

– Инсталирајте и користете анти-вирусни програми

Денеска постојат многу произведувачи на ваков вид на софтвер и повеќето од нив им овозможуваат на домашните корисници бесплатна верзија на својот продукт со цел да им овозможат основна заштита од компјутерски вируси. Анти-вирусниот софтвер е значаен за сигурноста на компјутерот и би требало да се надградува со последните дефиниции веднаш штом истите станат достапни. Скенирањето на целиот компјутер треба да се врши најмалку еднаш неделно.

– Надградувајте го софтвер
Секојдневно се пронаоѓаат сигурносни дупки во разни апликации кои многу често ги користиме и затоа од големо значење за сигурноста на системот е да го надградувате со последните стабилни верзии на софтверот кој го користите со што би биле заштитени од најновите закани

– Обрнете внимание при читање на е-маилови и отворање фајлови

Е-маилот е еден од најлесните и најпопуларните начини за комуникација и во последно време се повеќе е користен од страна на сајбер криминалците за остварување на нивните цели. Преку е-маил хакерите се обидуваат да дојдат до лични информации на корисници или пак да пренесат вирус претставувајќи се како некој што би можеле да го знете или пак како некоја реномирана организација или компанија. Секогаш кога ќе добиете е-маил, размислете од кого е овој е-маил, дали навистина го очекувате и дали треба да го отворите. Фајловите пратени преку е-маил задолжително скенирајте ги пред да ги отворите.

– Користете огнен ѕид (firewall)
Огнениот ѕид е компјутерски програм кој има улога на чувар на компјутерот, односно го надгледува двосмерниот мрежен сообраќај и доколку е подесен правилно, го прегледува детално сообраќајот и утврдува дали е легитимен или не, притоа овозможувајќи или забранувајќи пристап до или од системот. За да го оствари сето тоа, огнениот ѕид го надгледува секој пакет кој е примет и испратен од Вашиот компјутер. Постојат разни верзии на огнени ѕидови, од кои можат да се најдат и некои бесплатни.

– Правете бекап на важните фајлови
Доколку имате некои податоци кои едноставно неможете да си
дозволите да ги изгубите од разни причини, секоаш снимете ги на надворешна меморија, односно на ЦД, УСБ или надворешен хард диск драјв. Многу програми овозможуваат автоматски бекап локално, но многу подобро би било доколку го вршите тоа на надворешна меморија која ќе ја чувате на сигурно место.

– Користете добри лозинки
Секогаш при користење на било каква услуга која содржи лозинка, обидете се да создавате силни лозинки кои само Вие би можеле да ги знаете. Напаѓачите располагаат со разни видови на начини кои би можеле да ја добијат Вашата лозинка која им ги отвара вратите на многу места. Многу е важно да користите добри лозинки кои ќе содржат мешавина од букви, бројки и симболи, а уште поважно е да не користите една иста лозинка за повеќе работи. Користете една лозинка за една работа и секогаш при инсталирање на нов хардвер или софтвер кој бара лозинка за пристап, сменете ја фабрички зададената лозинка.

– Бидете внимателни кога инсталирате или превземате програми
Сите знаеме дека преку интернет може да се дојде до секакви програми, слики, филмови, музика и друго. Но многу често превземениот фајл не е тоа што очекуваме туку е вирус или програм со злонамерен код кој само го содржи името на бараниот фајл. Бидете внимателни во превземање и инсталирање на фајлови од интернет, секоаш користете добро познати и сигурни извори и уверете се дека сте на вистинското место со подетално разгледување на сајтот.

Овие неколку работи треба да бидат запаметени и извршувани од секој компјутерски корисник. Знајте дека од моментот кога прв пат ќе пристапите на интернет, Вие станувате потенцијална жртва на сајбер криминалот.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии