Основачите на Instagram Кевин Систром и Мајк Кригер ја напуштаат платформата која ја креираа. Според најголем дел од медиумите причина за заминувањето е несогласување со директорот на Facebook, Марк Закерберг.
Instagram е еден од главните делови на Facebook кои последниве години ја одржуваат друштвената мрежа актуелна. Секако немаше да исчезнат, но Facebook украде и интегрираше речиси сѐ од Snapchat на Instagram.
„Планираме да го напуштиме Instagram за повторно да ја истражуваме нашата љубопитност и креативност. Креирањето на нови работи бара да се повлечеме, да видиме што не инспирира и да видиме што му е потребно на светот; Ова е тоа што планираме да го направиме“, вели г. Систром.
Instagram е една од неколкуте платформи со над 1 милијарда корисници. Платформата е дел од Facebook од 2012 година, иако и тогаш беа гигант, бројките денес се неспоредливи.
„Пораснавме од тим со 13 луѓе во илјадници, со канцеларии низ целиот свет, истовремено градејќи продукти кои заедница од над 1 милијарда корисници ги сакаше и користеше“.
Засега се чини дека за Instagram без основачите ќе следува подлабока интеграција во Facebook. За друштвената мрежа ова е веќе втор основачки тим од голема платформа кој ги напушта релативно брзо. Основачите на WhatsApp, Брајан Актон и Јан Кум ја напуштија платформата поради несогласување со бизнис политиките и политиките за приватност, потсети Bloomberg.