Една од најголемите ИТ компании во земјава, Seavus, организира пред-акцелераторска програма за технички стартапи, а како ментори во неа ќе се појават основачот на популарниот сајт за хостирање слики Imgur.com, Алан Шаф, како и Еди Демај, основач на албанскиот портал Gjirafa кој доби 2 милиони долари за дигитализација на Албанија и Косово, Корентин Кремет од Microsoft кој е организатор и на Startup Weekends и Себастиан Етел, претставник на Leoni – производител на кабли. Покрај овие звучни имиња во програмата ќе бидат вклучени и домашни предавачи како Кристина Цветанов, финансиски директор и Татјана Бошевска, директор на ИТ операции во Seavus.
Како претставници од инвестицискиот свет, ментори на програмата ќе бидат Ивана Станковиќ од инвестицискиот фонд South Central Ventures кои што пред недела дена ја објавија и својата прва инвестиција во македонскиот стартап Letz и Дарко Бутина од Netcetera.
Наменета за стартапи, тимови и претприемачи кои работат во областа на информациските технологии, пред-акцелераторската програма ќе се одвива во текот на осум недели и има за цел да обезбеди вештини и знаење кои ќе им помогнат на учесниците да направат прототип, да пласираат производ на пазарот или да го финансираат својот бизнис.
Програмата, која е ко-финансирана од Seavus и ИМЕ програмата на Швајцарската агенција за развој и соработка е бесплатна за избраните учесници. Повеќе детали за програмата ќе пронајдете тука.