Осмислувајте и управувајте со градови во Patron

Мартин Јованчевски

во гејминг

Patron е city-builder кој особено би можел да ви се допадне доколку сте фанови на Banished. Слично на таа симулација, Patron успешно ги има надградено механиките и нуди значително подлабоко искуство при управување со едно општество.


Во Patron играта би можела да се подели на три фази.

Првата фаза е планирање и градење. Тука, потребно е да водите ред кое парче земја ќе го искористите за поставување на одредена структура, земајќи ја во предвид местоположбата и далечината од одредени природни добра и центри. На располагање имате најразлични структури, почнувајќи со куќи, движејќи се преку фарми и плантажи, па сè до производствени установи. За што и да направите, потребно е да имате соберено доволно ресурси, а, за зголемена ефикасност, веќе-направените структури можете да ги надградувате.

Втората фаза е водење сметка за потребите, желбите и проблемите на вашите жители. Секој жител е мотивиран од овие три работи, но од различни појдовни точки и ваша задача ќе биде да работите и да ги поставувате работите на начин кој ќе ја задоволи поголемата маса. Инаку, како и во вистинскиот живот, така и тука, едно решение резултира со неколку други проблеми и едноставно не можете сите да ги направите среќни. Чисто за пример, ако пробате да ги намалите даноците, една група ќе биде среќна, но за понатамошен прилив од пари, ќе мора да донесете некоја одлука која нема да биде популарна со други жители, особено кога ќе влезат во равенката чувствителни точки како религија или имиграција.

Третата фаза е очекување на неочекуваното и правилно справување со елементарните непогоди. Имено, временските услови влијаат врз ефикасноста и расположението на жителите и мора правилно да ги фокусирате нивните напори во зависност од сезоната во која се неоѓате. Згора на тоа, за трагедија не треба многу и не може да се плашите само од екстремно ниски температури туку и од неконтролирани пожари кои се шират исклучително брзо, или пак торнада кои ќе однесат цели делови од населението.

За ефикасно негување на сите три фази, имате комплексно дрво за истражување преку кое можете да отклучувате технологија, политики и процедури, како и бројни надградби. Ваквото нешто знае значително да помогне вашето село да се трансформира во импозантен градски центар кој ќе ви дозволи производство и трговија со добра во странство.

Сите овие елементи функционираат на едноставен начин и, но се чини дека апсолутно задолжително е да поминете низ неколку стадиуми на грешење и исправање, за да правилно научите точно како функционираат работите и до кој степен можете да правите компромиси со бројните елементи. Одредени играчи, меѓутоа, дефинитивно би посакале да биде прескокнат целиот trial and error процес, нешто што лесно би било изводливо со малку подобар туторијал.

Patron е одлична игра за сите фанови на средновековни симулации каде се започнува од исклучително скромни почетоци и се гради град кој ќе го издржи тестот на времето. Како почетник, лесно би можеле да лутате и да барате одредени работи (нам најтешко нѝ беше како да го надградиме центарот на градот за да се отклучат ниви), но доколку и пружите шанса и пробате подобро да се запознаете со механиките, на располагање имате солиден city builder кој, како што напоменавме, делува како модерен духовен наследник на Banished.

1 коментар на “Осмислувајте и управувајте со градови во Patron

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии