Операторите се лажат ако мислат дека ќе ги регулираат WhatsApp, Snapchat и Viber

Телекомуникациските оператори во регионот бараат регулирање на Whatsapp, Skype, Viber, бидејќи апликациите ги користат телекомуникацискиот коридор кој го креирале операторите, а за тоа не плаќаат?! Веќе се најавени разговори на оваа тема на третата меѓународна регулаторна конференција која се одржува во Охрид, пренесува Алфа ТВ.

„Се почесто се отвора прашањето во светот што со тие апликации, бидејќи тие моментално го земаат приходот на телекомуникацискиот сектор, тие се оние кои се најпрофитабилни и тоа можеме да видиме на светските берзи што се случува со нив, додека телекомуникацискиот сектор во тој дел продолжува да опаѓа“, вели ИТ министерот Иво Ивановски.

Но, операторите и министерот се лажат ако мислат дека ќе можат да ги регулираат овие популарни апликации. Тие не започнуваат војна само со Snapchat со 100 милиони корисници месечно, ниту со Viber со 200 милиони корисници, ниту со WhatsApp за кого Facebook плати неверојатни 12 милијарди долари. Не… во Пандорината кутија се кријат и Facebook со Мessenger, Google со Hangouts, Apple со iMessages и Microsoft со Skype.

Овие апликации се популарни бидејќи им овозможуваат на корисниците за иста цена да комуницираат со гласовни и видео повици, и IM пораки со пријателите без разлика во која држава се наоѓаат. За традиционалните телефонски разговори, ова не е случај и дополнително се плаќа за интерконекција, пример високи роаминг цени за меѓународни разговори или скап мегабајт во странство. Иако роаминг цените паѓаат во Европа и во Македонија, сепак тие се прескапи, додека чет апликациите нудат евтина комуникација. Но, корисниците сепак им плаќаат на операторите за разговорите, пораките, и се разбира дека плаќаат и за мобилен интернет, кој, доколку посакаат, треба да можат да го користат за апликации по нивен избор. Не треба да заборавиме дека секој паметен телефон, без исклучок, има и WiFi за целосно бесплатна комуникација.

Со оглед на тоа дека не станува збор за вообичаени разговори, туку за „податочен сервис“ било каков обид да се допре до овие апликации не може да се изведе без да се доведе во прашање интернет неутралноста. Во САД веќе се воведе рамка што гарантира интернет неутралност, во Европа неутралноста е приоритет за дигитално поврзување на земјите-членки.

Регулацијата на апликациите ја спречува иновативноста, и попрво корисниците ќе се откажат од постпејд пакетите во замена за пристап до овие апликации. Регулацијата единствено може да ја забави, но секако не и вечно да ја одолговлекува „еволуцијата“ на телефонскиот разговор. Разговорите преку оператор нема да ги снема, но сега телекомуникациската индустрија има поголема конкуренција. А против конкуренцијата се бориш со иновативност, со нови мобилни сервиси, HD видео, Интернет на нештата, поевтини цени…

Што се однесува до приходот на операторите, не може да се брои приход кој не е остварен. Ако корисниците поминуваат часови зборувајќи преку Viber, тоа не значи дека ќе поминат исто толку време на традиционален мобилен разговор преку оператор. Апликациите не им крадат од џебот на операторите, тие само нудат подобра услуга. Исто како што мобилната телефонија е подобра од фиксната.

Со оглед на тоа дека Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) треба да обезбеди корисниците да имаат пристап до јавните електронски комуникациски мрежи и јавните електронски комуникациски услуги на недискриминаторска основа, агенцијата би морала да ги заштите корисниците од можните препреки од операторите. Конференцијата во Охрид е токму во организација на АЕК, а на конференцијата официјално ќе биде потврдено дека од 30 јуни цените за роамингот за корисниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, и Црна Гора ќе се намалат за 90 отсто.

4 коментари на “Операторите се лажат ако мислат дека ќе ги регулираат WhatsApp, Snapchat и Viber

  1. Иво нека намали малку со тоа дрогата. Да не планираат како кај парното да го направат и телефонот, и да користиш и да не користиш да си платиш. Нека не се глупираат и нека си ја терат работата за која се избрани и платени, а тоа НЕ е заштита на интересите на лоповските телекомуникациски компании кои ти замаат 20 ФАКИНГ денари за 1 (со зборови, ЕДЕН) мегабајт (МЕГАбајт, НЕ ГИГАбајт) интернет. Паѓале они на берзата, не е наш проблем тоа, лопови гнасни.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии