Операторите негираат дека се вмешани во нелегално прислушување

Македонските оператори демантираат дека се вмешани во нелегално прислушување на граѓаните, и велат дека го следат законот кој им налага да им дадат пристап до податоците на властите. Операторите беа обвинети од лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој со својата #бомба откри дека властите нелегално прислушуваат граѓани, вклучувајќи сопартијци, опозициски политичари и новинари. Во своето излагање на снимките, г. Заев кажа дека операторите се вмешани во прислушувањето.

„Само мобилните оператори можат да дозволат за да се следи нивен корисник бидејќи корисникот на бројот се движи и постојано се менуваат базните станици, кои го примаат и го испраќаат сигналот од мобилниот телефон“, истакна Заев во интервју за 24вести.

Операторите, поточно One, Vip и T-Mobile, велат дека ја почитуваат приватноста на корисниците, но ако легално им се наложи да ги достават податоците тогаш тие ќе постапат според Законот за електронски комуникации. Законот им налага на сопствен трошок да обезбедат услови за прислушување, дури и да ја отстранат енкрипцијата на комуникациите.

„Ги почитуваме законските норми пропишани со Законот за следење на комуникациите и Законот за електронски комуникации каде во член 175 детално се наведени правата и обврските на телекомуникациските оператори во однос на следење на комуникациите. Т-Mobile Македонија не ја нарушил, ниту ќе ја наруши приватноста на своите корисници“, велат од операторот.

Според Законот за следење на комуникациите, забранета е злоупотреба на прислушувањето, што пак е кривично дело. Но, ако г. Заев има докази дека навистина се прислушувани 20.000 граѓани, тогаш останува прашањето – според кој закон властите можат да побараат од операторите пристап за масивно прислушување на граѓаните?

Правдико.мк има одлична анализа на законите што го регулираат прислушувањето, во која објаснуваат дека операторите се должни да чуваат податоци за корисникот, но само мета податоци кои го идентификуваат изворот на комуникацијата, дестинацијата, датумот и времето и типот на комуникација. Не можат да чуваат снимки од разговорите. Интересно, од Vip за Нова ТВ изјавија дека операторот нема опрема за прислушување, чување и пресретнување на комуникациите, но потврдија дека согласно законот тие се обрзани да дозволат на властите пристап до податоците доколку им биде побарано.

Се изјаснија и од Агенцијата за електронски комуникации од каде велат дека агенцијата не врши надзор за законската соработка помеѓу операторите и властите. Но, тие може да реагираат само ако не се почитува соработката одредена со Законот за комуникации.

1 коментар на “Операторите негираат дека се вмешани во нелегално прислушување

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии