One.Vip стартува од 1-ви октомври без промени во претплатничките договори

Вториот и третиот најголеми македонски оператори, Vip и One, официјално ќе се спојат во доминантниот one.Vip од 1-ви октомври 2015 година. Потврдата на спојувањето кое беше најавено пред помалку од една година, беше одобрено од Комисија за заштита на конкуренцијата, и беше потврдено од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) која објави детали за што ќе се случи со претплатничките договори на двата оператори. Според АЕК, корисниците на Vip и One ќе продолжат да си ги користат претплатите и услугите без никакви промени, ниту ќе има промени во условите за користењето.

На кратко, склучените договори ќе продолжат да важат. Но, знаејќи ги досегашните практики на операторите, може да се очекуваат промотивни понуди со кои ќе се најави one.Vip на пазарот, и можно е да постојат опции за обновување на договорот под новиот оператор. Наплатата на услугите и цените ќе останат исти според тарифите, односно oдбраните тарифи кои биле достапни до сега ќе продолжат да важат. Ова важи и за SIM картичките кои се во употреба, односно опремата нема да мора да се менува.

Сите договори склучени од 1-ви октомври ќе бидат направени со новиот ентитет – one.Vip кој, како што вели АЕК, ќе настапува како „оператор за обезбедување електронски комуникациски услуги за корисникот и ќе ги издава и доставува сите месечни сметки“. оne.Vip e во сопственост на австрискиот Telekom Austria Group, сопственик на Vip, кој ќе задржи 55 отсто и Telekom Slovenije Group, кој ќе има 45 отсто удел во новата компанија.

Со спојувањето македонскиот мобилен пазар ќе доживее драматични промени прв пат по oсум години, како во 2007-ма година кога Vip влезе во пазарот кој беше доминиран од Македонски Телеком и тогашен Cosmofon (сега One). Но, иако повторно ќе имаме два, наместо три, големи оператори, овојпат Македонски Телеком за прв пат нема да има доминантна позиција. one.Vip ќе има над 51 отсто од пазарот.

Новина во последниве години е што освен мобилна телефонија, операторите сега поагресивно нудат комплетни пакети за комуникација и забава, како фиксен и мобилен интернет и дигитална телевизија. Интересно ќе биде да се види што ќе понудат како 4G услуги земајќи во обзир дека брзината на LTE мрежата теоретски може да поддржи стримање на Full HD видео преку мобилна мрежа. Засега нема ниту една услуга од операторите која ветува искористување на 4G мрежата, иако таа е се подостапна во Македонија.

За да биде одобрено спојувањето, Vip и One се согласија да донесат нов оператор во Македонија, кој би функционирал како виртуелен оператор, односно ќе изнајмува инфраструктура. Но, веќе имаше два обида во Македонија за виртуелен оператор – првиот WTI не ни стартуваше, а Albafone се изгаси после неколку месеци. Најверојатно иста судбина го чека и сите следни виртуелни оператори кои мора да се натпреваруваат во заситен и доминиран пазар.