Oколу 300.000 дронови за лична употреба се регистрирани за еден месец во САД

Речиси 300.000 беспилотни летала се регистрирани во САД, и тоа само во првиот месец откако беше донесен закон кој предвидува задолжителна регистрација на дроновите и нивните сопственици, јави Федералната агенција за авијација. „Драго ми е што јавноста одговори на нашиот повик за регистрација. Националниот систем за воздухопловство е фантастичен ресурс и сите вклучувајќи ги и корисниците на беспилотни летала треба да го чуваат безбеден“, вели Ентони Фокс, Секретар за транспорт.

Регистрацијата важи за сопствениците на речиси сите беспилотни летала од оние кои тежат 250 грама па сѐ до оние кои тежат 25 килограми, а важи три години од добивање на дозволата. Задолжителна е за сите кои сакаат да летаат со беспилотните летала, но и за оние кои ги користеле истите пред 21 декември. Во моментов своите летала онлајн ги пријавуваат единствено хобистите, а развивачите на летала, иноваторите, како комерцијалните компании, ќе можат да ги пријават од 21 март. Единствена поволност за пријавување во првиот месец е што пријавените ќе ја добијат назад таксата која ја имаат уплатено. Но најверојатно желбата за заштеда на пет долари колку што изнесува оваа такса не е главната причина за брзото регистрирање. Апликациите се прават онлајн и се едноставни, а од корисникот не се бараат премногу податоци.