Охридска банка Сосиете Женерал и Солвео заедно со младите креираа решенија за иднината на мобилното банкарство

Викендов се одржа OBSG BUZZ хакатонот организиран од Солвео и Охридска банка Сосиете Женерал, каде речиси 50 млади поделени во 9 тимови креираа решенија за иднината на мобилното банкарство. Предложените решенија беа разновидни од повеќе аспекти почнувајќи од подобрување на корисничкото искуство, стимулирање на штедењето, нов начин на плаќање и префрлување на средства, до вештачка интелигенција (чет бот).

Хакатонот стартуваше во петокот каде претставници од Солвео и  банката го отворија настанот, ја претставија мисијата на настанот и ги инспирираа младите за креирање на иновативни и креативни решенија во текот на викендот. Саботата беше резервирана за менторските сесии со претставници од Охридска банка Сосиете Женерал и Асекo кои на сите тимови им дадоа насоки од финансиска и техничка страна за нивните решенија. Последниот ден од хакатонот, сите тимови ги презентираа своите решенија пред жири-комисијата од Охридска банка Сосиете Женерал и Асеко кои донесоа одлука за победничкиот тим.

Покрај силната конкуренција и тешкиот избор за победник на OBSG BUZZ хакатонот беше прогласен тимот – Mоја Банка, Мој Пријател, кој изработи решение за мобилна апликација која овозможува лесно уредување според потребите на корисникот, го олеснува префрлувањетo на средства помеѓу семејството и пријателите и го стимулира и насочува штедењето.

“OBSG BUZZ хакатонот беше неверојатно 54часовно искуство кое го извлече креативниот потенцијал од 50тина енузијастични, работливи, способни и позитивни млади луѓе.  Имавме позитивно дружење, запознавање и вмрежување со многу успешни момци и девојки и најбитно од се работевме на решенија кои ќе го доближат банкарскиот свет до нас младите.Настанот не само што ги исполни нашите очекувања, туку и ги надмина. Имавме позитивно дружење, запознавање и вмрежување со многу успешни момци и девојки и најбитно од се работевме на решенија кои ќе го доближат банкарскиот свет до нас младите.Одлична атмосфера, креативна енергија, позитивни луѓе и успешно развиени идеи.Благодарам на организаторите за одличниот прием и вкусната храна  и секако најголема благодарност до Охридска Банка која ќе биде правата банка пријател на младите во Македонија.” – изјавија од победничкиот тим, Моја Банка, Мој Пријател.

“Сите тимови работеа посветено и напорно на нивните решенија за време на викендот и презадоволни сме од начинот на кој тимовите ги презентираат решенијата пред жирито од Охридска банка Сосиете Женерал и Асеко. Особено ни беше задоволство што учесниците на хакатонот беа од различни професионални позадини како програмери, дизајнери, банкари, маркетинг, архитектура, итн.

Со секој нареден проект гледаме дека потенцијалот на младите и квалитетот на нивната работа се зголемува и затоа продолжуваме со вакви настани и во новата година.” – велат организаторите на хакатонот.