Огласувачите загубиле стотици милиони долари огласувајќи им на ботови

Дејан Соколоски

во Вести

Софистицирана мрежа составена од 125 Android апликации ги „олесниле“ огласувачите неколку стотици милиони долари. Огласите наместо до корисници стигнувале до ботови кои ги отворале рекламите и со тоа им носеле заработка на операторите. Злоупотребата ја откри BuzzFeed кој потоа му ги испрати податоците и на Google. Google брзо по ова ја испита состојбата и реагираше.

Компаниите со кои е поврзана оваа мрежа се од: Бугарија, Кипар, Хрватска, Малта и Британските Девствени Острови.

Начинот на кој криминалната група функционирала е прилично пософистициран од она на што сме навикнале досега. Мрежата преку посредниците We Purchase Apps купувала апликации, притоа плаќајќи над вистинската вредност на апликациите. За сè да изгледа легитимно, го префрлале седиштето на компанијата во некоја од државите во кои се наоѓаат.

BuzzFeed откри дека сите апликации и веб-страници вклучени во „лажниот“ сообраќај се дел од малтешката компанија Fly Apps. Компанијата е во сопственост на двајца Израелци, Омер Анатот и Мајкл Ари Ајрон, и на двајца Германци, Томас Порцел и Феликс Рајнер. Интересно г. Ајрон e ко-сопственик во српска компанија која работи на развој на Android апликации и веб сервиси.

По ова, некое време ги следеле навиките на корисниците, кои продолжиле да ги користат апликациите. Овие податоци се искористени за креирање на бот мрежа која одлично ги имитирала луѓето корисници. Учесник во измамата проценува дека компаниите се оштетени неколку стотици милиони долари.

Апликациите кои се дел од измамата се инсталирани на над 115 милиони уреди. Апликациите се сосем различни, од апликација која го претвора телефонот во светилка, до селфи камера.

Она што е можеби најимпресивно во целата измама е посветеноста на вклучените страни, измамниците всушност правеле надградби и ги одржувале апликациите. Целта на ова е да ги задржат постоечките корисници и да не го свртат вниманието кон себе. Една апликација, „Everything Me“ има над 20 милиони корисници.

Google веќе извести дека апликациите кои се дел од мрежата биле дел од веќе познат ботнет TechSnab кој компанијата го следи. Начинот на кој функционира самата мрежа е со отворање на скриени прозорци во прелистувачот. Во овие прозорци потоа се отвораат реклами и значително се зголемува заработката од истите. Најцрното сценарио на AppsFlyer прогнозира дека за само три месеци штета е помеѓу 700 и 800 милиони долари.

Измамата главно ги зафати мобилните уреди. Google веќе ги отстрани апликациите кои се дел од оваа мрежа од AdMob мрежата. Но, компанијата во својата истрага откри и дека неколку мрежи се искористени за поделба на заработка од рекламите. Истрагата за разоткривање на целата операција продолжува, уверува Google.

Повеќе за измамата и поврзаноста на куп компании од регионот, може да дознаете на BuzzFeed.

 

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии