Поради страв од цензура, македонски сајтови се затемнија во протест против Законот за навреда и клевета

<Надополнето>Текстот е надополнет со oдговор од извршниот директор на Здружението на новинари на Македонија, Драган Секуловски.

Член 11 од Предлог-законот за навреда и клевета ќе претрпи измени.</надополнување>

Македонските интернет корисници денес може да забележат темен екран на неколку македонски блогови и сајтови. На темната позадина стојат зборовите „Вака ќе изгледа македонскиот интернет ако се воведе новиот Закон за одговорност на навреда и клевата“.

За контроверзниот предлог-закон (.pdf) пишувавме и претходно кога фондацијата Метаморфозис предупреди за опасностите на Членот 11 кој се однесува на „провајдери на интернет-услуги“ и кога собранието со 66 гласови „За“ го изгласа предлогот по првото читање. Денес, на 9 октомври, во Собранието ќе следи второто читање. Доколку предлогот се изгласа на сите три читања тој закон ќе биде усвоен.

Дискутабилниот Член 11 против кој се поведе оваа иницијатива од скопскиот хаклаб КИКА се однесува исклучително на одговорноста на „провајдерите на интернет-услуги“. Но, проблемот со овој член, како што беше неколку пати споменато, е што е недообјаснет кој е „провајдер на интернет-услуги“.

Одговорност на провајдерот на интернет-услуги
Член 11
(1) Провајдерот на интернет услуги превзема одговорност, заедно со авторот, за надоместување на штетата која произлегува од овозможување на пристап до навредливи или клеветнички информации.
(2) Провајдерот на интернет услуги не одговара за изнесена навреда или клевета како резултат на овозможување пристап до навредливи или клеветнички информации под услов доколу:

  1. докаже дека авторот на информацијата објавена на веб порталот не дејствувал под директна или индиректна контрола или влијание од страна на провајдерот на интернет услугата, и
  2. докаже дека не бил свесен ниту трeбал да биде свесен дека навредлив или клеветнички материјал е објавен на веб порталот, или, во рок од 24 часа откако станал свесен за навредливиот и клеветнички карактер на објавениот текст или информација, ги превзел сите технички и други мерки за отстранување на таквата информација. Барање за отстранување на информација може да поднесе и оштетеното лице.

Дали тоа се однесува на интернет провајдерите? Според иницијативата за затемнување на сајтовите, според Законот може било кој што се чувствува навреден да им нареди без судски налог на интернет провајдерите да исклучат сајтови. „Провајдер на интернет-услуги“ може да значи и дека се однесува на веб сајтови, форуми, апликации, па и друштвени мрежи. Дали ако некој напише навредлив коментар на It.com.mk, дали сајтот ја сноси одговорноста или пак ќе мора да добие барање од навредениот да го тргне тој коментар? Дали тоа се однесува на Facebook како „провајдер на интерент-услуги“? Токму поради тоа што е нејасно денифинирано законот може да биде моќна алатка за цензура, велат активистите.

Провајдерите (кои обезбедуваат пристап до интернет и хостинг) се заштитени со презумпцијата за невиност, односно, како што објаснува Драган Секуловски од Здружението на новинари, Директивата на ЕУ за е-трговија 2000/31/ЕК, член 14, е на страна на интернет провајдерот.

„Нашите забелешки кои се однесуваат на член 11 од Предлог законот, се во насока на почитување на стандардите кои се предвидени соДирективата на ЕУ за е-трговија 2000/31/ЕК во членот 14, според кој провајдерите немаат одговорност за пласираните информации ако не знаеле за нелегалните активности или информации или не биле свесни за фактите или околностите од кои имаат произлезено нелегалните активности или информации.“, вели г. Секуловски.

Интересно е што еден ваков закон, склопен со експерти и одобрен од Советот на Европа кој придонесе со забелешки, прифатени и вградени во законот, како што пишува во официјалниот текст сепак останува недообјаснет кога се работи за сајбер просторот каде не секој сајт е медиум, но секој сајт е јавен и достапен за сите.

*IT.com.mk по втор пат се обиде да го добие претседателот на МАНУ, Владо Камбовски, кој е наведен како автор на предлог-законот. Чекаме одговор.

8 коментари на “Поради страв од цензура, македонски сајтови се затемнија во протест против Законот за навреда и клевета

  1. Ова со челн 11 од законот е вистинска глупост! it.com.mk не е единствен сајт каде што можеш да пишуваш коментари .. Што значи ќе бидат блокирани сите страни за да не писуваат навредливи коментари т.е тоа е големо БООМ за интернетот !

  2. Значи, ако навредам некој овде, според ова не само it.com.mk, туку и ONE како интернет провајдер е крив. Со среќа спроведување на законот.

    1. Па многу лесно ќе се спроведе. ОНЕ за да не биде крив, ќе треба да го блокира пристапот до it.com.mk. И под закана од драконската казна од 27.000 евра, ОНЕ нема да се двоуми да го стори тоа.

      Значи во пракса наместо да се отстрани коментарот, ќе се оневозможи пристап до целиот сајт. По пластично кажано убиваш мравка со чекан или термонуклеарен проектил.

      Нема судски налог, нема правна процедура, економскиот оператор е одговорен и тој под закана на губење на профитот ќе го изгаси пристапот до споменатиот сајт, инаку може да биде тужен за објавување на клеветнички и навредливи содржини и сето тоа поради член 11 од спорниот закон.

  3. Секогаш постои torproject.org/projects/torbrowser.html.en ама тоа не е вистинско решение. Ова што се случува е катастрофа.

    Луѓе што немаат блага врска со технологијата, донесуваат закон кој се однесува на таа технологија.

    Банана држава.

  4. За сите што се чудите што е проблемот со членот 11 од предлог законот за грaѓанска одоговорност за навреда и клевета еве маалски објаснето:

    Одговорност на сопствениците на зградата

    Член 11

    (1) Сопствениците на зградата преземаат одговорност, заедно со авторот на графитот, за надоместување на штетата која произлегува од овозможување на читање на навредливи или клеветнички графити.

    (2) Сопствениците на зградата не одговараат за изнесена навреда или клевета како резултат на овозможување читање на навредливи или клеветнички графити под услов доколу:

    1) докажат дека авторот на графитот нацртан на ѕидот на зградата не дејствувал под директна или индиректна контрола или влијание од страна на сопствениците на зградата, и

    2) докажат дека не бил свесни ниту трeбал да бидат свесни дека навредлив или клеветнички графит е нацртан на ѕидот на зградата, или, во рок од 24 часа откако станале свесни за навредливиот и клеветнички карактер на графитот, ги презеле сите молерски и други мерки за отстранување на таквиот графит. Барање за отстранување на графитот може да поднесе и оштетеното лице.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии