Од нови оперативни системи до нов Mac Pro, што претстави Apple на овој WWDC 2019

WWDC е настан на која Apple ги прикажува иднините трендови во кој ќе се движат оперативните системи на компанијата. Вообичаено нема премногу хардвер и фокусот е на оперативните системи, апликации и функционалности. Така беше и оваа година, а иако новиот Mac Pro не е изненадување, сепак е добредојдена „пауза“ помеѓу оперативните системи.

For All Mankind

For All Mankind е првата серија која гледачите ќе може да ја гледаат на Apple TV+. Тим Кук најави уште куп други серии и програми.

Сепак најавата за телевизијата започна со оперативниот систем на Apple за кој слушаме многу поретко, tvOS.  Најголем новитет е поддршката за повеќе корисници, па во едно семејство секој член ќе има сопствена персонализирана програма.

Сепак она што најмногу ја возбуди публиката е поддршката за Apple Arcade. Најавата е дека гејмерите на Apple Arcade ќе може да ги користат контролерите на PlayStation 4 и Xbox.

Apple Watch – watchOS 6

Стандардно презентација започна со објавата дека Apple Watch е часовникот што се користи. Секако традиционално  презентација започна со нови „лица“ за часовникот, но тоа не беше најголемата и најважна промена.

Без сомневање најважната промена е додадавање на можноста за креирање и инсталација на самостојни апликации. Ова значи дека за часовникот повеќе нема да биде потребна задолжителната придружна апликација. Секако ова значи дека часовникот е подготвен за iTunes, па часовникот ќе добие и пристап до продавницата за апликации.

Фокусот последниве неколку години кај паметните часовници е на фитнес и апликации за подобро здравје. Така сега апликациите ќе им овозможат на корисниците да ги следат своите фитнес трендови, колку е гласна околината, а за девојките и жените, Apple додаде функционалност која го следи менструалниот циклус. Секако секоја нова функционалност добива и виџет (Apple ги нарекува „complication“) за екранот.

Што се однесува до новата продавница, App Store, Apple се фокусира на најважните функционалности. Па изгледот е чист, но со повеќе од доволно податоци, за листата да биде и повеќе од прегледна.

iOS 13

Секако новиот оперативен систем на Apple не можеше да дојде со име кое ќе биде поинакво од iOS 13. Новиот оперативен систем ќе има неколку забележителни надградби. Апликациите се „пуштаат“ 2 пати побрзо, големината на инсталационите пакети е 50 отсто помала, а скенирањето на ликовите за отклучување на телефонот е 30 отсто побрзо.

Конечно со iOS 13 оперативниот систем ќе добие „Dark Mode“. Иако ова секако е корисна функционалност секако нема причина за возбуда за функционалност која другите оперативните системи ја имаат веќе неколку години.

Новитет кој Apple го фокусира и на iOS и на tvOS е можноста за синхронизирано презентирање на текстови на музика. Па можеби додека ја слушаме песната сега ќе може и да потпевнуваме.

Новитет секако е поголемото користење на вештачката интелигенција, и можноста интеграција на истата во повеќе апликации. Една од главните е „Reminder“ функционалноста е сега може автоматски да препознае што кога и како треба да ви го прикаже.

Добра вест за корисниците на Apple Maps е дека апликацијата е најдобра што била досега. Лоша вест е дека не е блиску до конкурентите. Апликацијата делува одлично исполирана, но не видовме функционалност која не е достапна на Google Maps веќе неколку години.

Главен фокус на оваа презентација е приватноста и новата функционалност „Sign in with Apple“. Оваа функционалност му овозможува на корисникот да се логира со Apple. Сепак главната функционалност корисникот ја добива која сака да се логира на сервис за кој е потребен имејл. Во овој случај има избор: дали да ја остави адресата која ја користи или да ја искористи новата функционалност. Со ова ќе има можност да креира нова „рандом“ (привремена) адреса која ќе редиректира кон имејлот. Штом некоја апликација ви здодее само ја бришете привремената адреса и здодевните известувања престануваат да пристигаат.

Секако овие надградби не можат  да поминат без козметички надградби, а главната овојпат се мемоџи и можноста за креирање на персонализиран аватар.

Камерата има надградба која овозможува додавање на куп филтри на фотографиите, но и на видеата. Дополнително најголемата промена е во галеријата и промената во начинот на кој може да се прегледаат апликациите. Сликите и видеата сега може автоматски да се подредат хронолошки по денови, месеци и години. Галеријата има своевиден времеплов, па кога ќе „одзумирате“ на година ќе може да видите што сте правеле на овој ден низ годините. Ова секако важи ако сте биле активни на датата. Она што е интересно е изгледот на апликацијата, која го враќа метро изгледот.


Една од функционалностите кои имаат бавен напредок е Siri. Асистентот е се подобар, но за жал веќе сме ја виделе вештачката интелигенција на Google, Amazon и Microsoft и Siri е далеку од импресивноста која ја имаше порано.

iPadOS

Ова веројатно е најголемо изненадување оваа година, претставувањето на новиот оперативен систем за iPad. iPad OS е заснован на iOS и нема преголема разлика. Дел од функционалностите се потребни за користење на поголем екран. На пример можноста за паралелно отворање на два екрана еден до друг. Секако сте ја виделе оваа функционалност на Windows, но и на Android.

Најголем дел од апликациите добиваат верзија која е поблиска до десктоп, отколку до мобилните верзии. Ова важи за апликации како Files, но и за Safari за iPadOS кој сега ќе ја отвора десктоп верзијата на страницата.

Секако фокусот тука е да се пронајде нова публика за iPad кој последниве години ја губи својата публика. Со зголемување на функционалноста и продуктивноста Apple се обидува да „грабне“ дел од пазарот од лаптоп и десктоп компјутерите.

Фокус за подобра продуктивност е електронското пенкало кое има нова надградба и сега има доцнење (латенција) од 9 ms. Покрај ова има куп нови функционалности кај алатките кои овозможуваат различни примени. На пример, тастатурата може да се намали и да биде поудобна за користење и пишување со една рака.

Mac Pro

Конечно на крајот на презентацијата дојде време и за малку хардвер. Apple го претстави новиот и најмоќен Mac Pro досега.

Фокусот на новиот компјутер е модуларноста. Корисниците можат сами да ги менуваат компонентите. Компјутерот доаѓа со 28-јадрен Intel Xeon процесор; до 1,5TB RAM; 8 PCI слота, 4 2х слота, 3 1х слоти 1 I/O слот. Основната верзија на Mac Pro доаѓа со 8 јадрен Xeon; 32 GB RAM, Radeon Pro 580X и 256 SSD диск.

MPX модулот е нов графички модул во кој може да се сместат различни графички картички, од Radeon Pro 580X, Radeon Vega II или 2 Vega II графички картички. Дополнително Mac Pro има простор за 2 вакви MPX модули.

Afterburner е модул кој овозможува обработка и рендерирање на 6 милијарди пиксели во секунда. Токму ова е еден од клучните модули што ги овозможуваат перформансите на Mac Pro.

Со оглед на тоа дека компјутерот доаѓа со 1.4kW напојување би очекувале да биде погласен кога ладењето е во прашање. Сепак благодарение на новиот систем за ладење компјутерот е супер тивок.

Apple секако има куп партнери кој најавија поддршка за новиот компјутер. Тука се Adobe, Serif, Pixar, Autodesk, Unity, Redshift и Unreal, но и куп други.

Секако новиот компјутер доаѓа со нов дисплеј. Мониторот доаѓа со 6К ретина, HDR референтен дисплеј со куп функционалности потребни за професионалците. Благодарение на новиот систем за ладење екранот може да се осветли со 1000 nits, до максимални 1600 nits. Контрастот на дисплејот е 1: 1000000.

Секако и стативот на дисплејот доаѓа со куп други функционалности кои ќе им бидат од корист на корисниците.

Цената на основната верзија на Mac Prо е 6 000 долари и доаѓа наесен, дополнително цената на дисплејот е 5000 долари и исто така доаѓа наесен.

Mac Pro доаѓа со новата верзија macOS, Catalina.

macOS, Catalina, Apple Music, Apple Podcast и AppleTV

Веројатно веќе ја слушнавте веста дека iTunes заминува во пензија. Apple најави дека iTunes ќе биде заменет со 3 нови апликации Apple Music, Apple Podcast и AppleTV. Секако секоја од новите апликации има свои предности, од вештачката интелигенција која ги индексира подкастите за полесно да може да ги најдете, и а Apple TV апликација која овозможува 4К видеа.

Една од новите функционалности ќе овозможи користење на iPad како втор дисплеј и ова секако ќе биде одлична вест за сите кои често се во движење, но потребен им е повеќе од еден екран.

Конечно со новиот macOS, но и на iOS доаѓа и новата функционалност за говорни команди.

FindMy е нова апликација која на корисникот му овозможува на корисникот да го пронајде својот Mac. Дополнително ако е надвор од досег на мрежа, Apple уредите на корисниците кои се во близина креираат мрежа со која може да се лоцира компјутерот. Дополнителна функционалност за поголема безбедност е функционалноста со која сопственикот може да го заклучи компјутерот, и без да го отклучи, пронаоѓачот или крадецот нема да можат ниту да го вклучат компјутерот.

Конечно за девелоперите добра вест е дека доаѓа Project Catalyst. Оваа алатка ќе им помогне на девелоперите да креираат верзија на апликацијата за macOS ако веќе постои верзија за iPadOS. Ова секако треба да помогне за повеќе апликации на macOS. Колку корисна ќе биде оваа функционалност ќе дознаеме наскоро.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии