Која е следната фаза во развојот на апликации и што треба да очекуваме? Oва беше првото прашање на првата конференција за мобилни технологии, MobileFirstМК. Панелот кој требаше да ја предвиди иднината беше составен од Лука Абрус од хрватското студио Five Minutes; Александра Христов, веб дизајнер во Netcetera; Дарко Булдиоски од New Media MK; и Хајан Селмани од Haselt. Tие требаше да го претскажат следното големо нешто, но наместо едноставен туторијал за девелоперите, тие најавија хаотична иднина исполнeта со предизвици.

„Секако дека мобилните апликации сега се хит, но не само за мобилните платформи, туку и за паметните часовници, беспилотните летала, телевизорите, паметните алки… проблемот е што засега нема кој знае колкав бум кај паметните часовници, но ние сериозно размислуваме да работиме со апликации за електричните автомобили, како на пример Tesla”, вели Лука, чија компанија е основач на Shout’em, стартап за креирање на мобилни апликации.

Засега никој не е сигурен што следи. Ретко кој можеше да го предвиди бумот на мобилните апликации кога беше претставен iPhone во 2006-та година. Тогаш конкурент беше сега-мртвиот-Symbian. Тие што пробаа први со нешто ново, сепак и први успеаја. Но, не толку по нивна заслуга, колку што им дозволија корисниците кои ги прифатија најновите технологии. Иако сега имаме поголема свест за технологијата, „имаме подлога да ја разбереме и објасниме на корисниците“, како што вели Хајан чија компанија работи со најразлични веб технологии, сепак ќе треба време „да се сфати дека се околу нас ќе биде поврзано“. Утре мобилниот телефон ќе биде само еден од тие уреди, вели Хајан.

Тајмингот на иновациите се чини е клучен. Интернетот на нештата е тука. Технологијата постои, но големите ИТ компании го чекаат вистинскиот момент. Microsoft имаше прв таблет компјутер во 2001-годинa, но се откажа бидејќи го промаши моментот, немаше инфраструктура за него, ниту интерес од корисниците. Но, Apple знаеше кога да го објави iPad и сега доминира.

Сега повторно Apple ја предводи индустријата. Првото наговестување на поврзани уреди сепак не се фрижидерите или телевизорите, туку паметните часовници. Apple, LG, Samsung и куп други објавија свои верзии во обид да ги направат неопходен уред за корисниците, кои наместо на мобилен сите свои нотификации и повици ќе ги добиваат на зглоб на раката.

„Но, луѓето не треба да се плашат дека ќе носат чудовишта на рака“, вели веб дизајнерката и моден блогер Александра, кој се осврна дека дизајнот пред се ќе игра главна улога кај овие нови уреди. Новите уреди мора да бидат убави и функционални. Но, сега сме на почетокот. Успеваат само грди или недовршени уреди бидејќи имаат специфични функционалности, како на пример паметните уреди и алки што ги користат спортистите за мерење на километражата, калориите и други мали детали. Овие спортски уреди поминуваат бидејќи има публика за нив. Девелоперите мора да го знаат тоа пред да развиваат апликации, мора да знаат за кого ја развиваат таа апликација, и за кој уред. Иако тоа не може да биде толку лесно, бидејќи и самите креатори не знаат за што се корисни нивните уред. Всушност, зошто би ги купиле? Дали би платиле стотици долари за Apple Watch кој ќе мора да го смените по две години поради застарениот хардвер, или нов ОС?

„Паметните часовници се уште не се корисни. Тие сега се само уште еден уред“, Дарко, основач на маркетинг агенцијата New Media Mk. „Интернет на нештата мора да исполни одредени предуслови. Не ви треба уред кој не може да се поврзе на Интернет ако немате добра 4G покриеност. За почеток мора да бидат исполнети условите за технологијата да биде достапна на пазарот, за девелоперите да развиваат апликации за неа“.

Тоа што е сигурно е дека Интернет на нештата е револуција предводена од хардверските стартапи. Идејата е дека ќе го замениме „глупавиот“ фрижидер дома со паметен кој е поврзан на Интернет, кој, идеално, ќе знае да ви каже што треба да купите од продавница. Или паметен термостат кој ќе ви го грее паметниот дом. Но, за таква хардверска револуција треба сериозни промени.

Хардверските стартапи се навистина тешки, вели Лука. Тој наведе примери за хрватскиот BellaBeat, кој направи паметна алка што го мери сонот на бремената жена; и за Тeddy the Guardian, уште еден хрватски стартап кој изработува плишани мечиња што внимаваат на бебето. Двата стартапи се успешна приказни со добри инвестиции, но освен проблеми со изработката, со делови од Кина и други земји, стартапите имаат пеколна потешкотија со логистиката. Од различни закони во различни држави, до патенти, до испорака на делови, до царините, хардверските стартапи треба да ги поминат сите тие препреки за да претстават нешто иновативно, дури и без да знаат дека ќе им успее. Доколку сте во Македонија, тогаш тие проблеми стануваат уште потешки бидејќи не е ЕУ земја.
Сепак, револуцијата доаѓа, и девелоперите мора да се подготват за тоа што следи. За следното големо нешто. За Интернет на нештата. За уреди поврзани помеѓу себе.

„Девелоперите веќе треба да размислуваат подалеку од апликации за Android и iOS“, вели Хајан.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии