Од јули поевтин роаминг во регионот

Од јули оваа година се намалуваат цените за роаминг услугите во регионот, поточно во Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина. Оваа одлука е донесена на Вториот дигитален самит за Западен Балкан одржан во Белград.

Претставници на министерствата го потпишаа договорот, а веќе е започната и работата на регулаторното тело кое ќе ја утврди висината на цените кои ќе важат од јуни. За почеток ќе биде намалена цената на интернет сообраќајот во роаминг, а потоа и на телефонските разговори. Финализација на планот и потполно укинување на роамингот во регионот ќе заврши во 2021 година.

По укинувањето  на роамингот во регионот, роамингот ќе биде укинат и со државите членки на Европската Унија. Македонија веќе има ваков договор со Грција. Во февруари оваа година министерот Дамјан Манчевски и неговиот грчки колега Никос Папас потпишаа меморандум за намалување на цените на роамингот. Со ова највисоките цени на роамингот помеѓу двете држави нема да бидат повисоки од цените во Европската Унија.

Секако и покрај намалување на цената на роаминг услугите, најевтин „пакет“ е WiFi. Се што треба да пронајдете е барем една локација која нуди бесплатен безжичен интернет и да се спасите од секаква повисока цена.