Од денес МојВоздух ќе биде достапен и во Србија

Дејан Соколоски

во feature, Вести

По две месечни интензивни подготовки на српската верзија на МојВоздух, апликацијата е подготвена да го освои и овој пазар.

„Време беше да се прошири импактот што МојВоздух го направи во Македонија, и кон соседните држави. Србија има многу слична култура, јазик и проблем со загадувањето како Македонија, така да е совршен прв пазар“, вели Горјан Јовановски, автор на МојВоздух.

Како и во Македонија, така и во Србија апликацијата AirCare ги презентира податоците од мерните станици. Ова се отворени податоци, а во Србија има 65 државни мерни страници од кои податоците се презентираат на апликацијата.

Поддршка на апликацијата во Србија се локалните активисти „Ne davimo Beograd“, кои ќе помогнат како активисти на терен.

„Главна цел ни е прво да го „освоиме“ Балканот, а потоа и пошироко! Се надевам дека AirCare ќе се позиционира како алатка за граѓани и активисти кои сакаат да се борат против загадувањето на нивниот воздух“, додава г. Јовановски.

За да биде полесно разбирлива за другите пазари неодамна МојВоздух се ребрендира во AirCare. Сервисот во Македонија постојано се надградува со додавање на нови функционалности, но и со додавање на нови мерни станици. За сите кои сакаат да ги анализираат податоците, на почетокот на февруари податоците од сите мерења од 2018 година се достапни за преземање и од Github.