Обама побара од ИТ компаниите да се борат против тероризмот и ISIS

Претседателот на САД, Барак Обама, побара од американските ИТ компании да се вклучат во борбата против тероризмот и Исламската држава. „Барам од водечките технолошки компании и агенциите за безбедност да им го отежнат на терористите користењето на технологија за да се скријат од правдата… Треба да се пронајде заеднички јазик помеѓу владата и техничките компании да го решат овој проблем, и да направат Американците да се чувствуваат безбедно“, вели г. Обама.

Но, иако звучи легитимно, ова барање може да претставува проблем за обичните корисници. И Европа побара пристап до анонимните сервиси по нападите во Париз, но во исто време се огласија и заштитниците на приватноста кои критикуваат дека не смее да им се дозволи на државните агенции без налог да ја следат комуникацијата на корисниците. WhatsApp и Telegram се популарните сервиси кои се таргетираат од државните агенции. Неодамна Франција наложи креирање на „kill-switch“ со кој ќе може да се ограничи пристапот на интернет и пристапот до одредени сервиси и сајтови.

Сега дополнително француските власти бараат забрана за Tor и за бесплатните Wi-Fi хотспоти при случај на тревога. „Едноставно блокирање на Tor веб-страницата нема да го запре користењето на Tor, ова најверојатно ѝ е познато на француската влада. Ова значи дека се подготвени на значително зголемување на цензурата, со слично ниво како во Кина. Дури и во ваков случај девелоперите ќе можат да останат еден чекор пред властите, и да изнајдат начин за заобиколување на блокадите“, коментира Tom’s Hardware.

Проблем во САД претставува и активноста на NSA, за која сега знаеме дека непречено ги следела онлајн комуникациите.

И на двата континенти, во случајот на американскиот претседател и на француската влада, агенциите се потпираат на фактот дека криптирањето ја отежнува работата на полицијата. Криптирањето што се користи за заштита на приватноста при комуникација или за заштита на идентитетот на дисиденти во држави во кои нема слобода на говор, може да им биде од корист и на терористите и криминалците да го скријат својот идентитет. Но, истрагата по нападите во Париз покажа дека напаѓачите воопшто не користеле криптирана комуникација, дури дополнително организаторот на групата користел GoPro камера која може да се пронајде со GPS лоцирање, а не ги избришал ниту податоците од телефонот што го изгубил во Сирија.

Се чини дека властите секој пат кога има некој немил настан се обидуваат да наметнат намалување на слободата како потребно за зголемување на безбедноста, но намалување на слободата е една од целите и на терористите. Но, ова не единствениот проблем, техничките компании велат дека ова нема да ја зголеми безбедноста бидејќи агенции на други држави или хакери можат да дојдат до клучевите и со тоа наместо зголемена безбедност, ќе се постигне обратен ефект.

Технологии кои мора значително подобро да се справуваат со податоците се социјалните мрежи и тоа пред сѐ со јавните објави. ISIS и останатите екстремисти користат социјални мрежи како Facebook и Twitter за споделување на пораки и регрутирање. Пораките и заканите пристигаат веднаш по нападите. На пример, уште пред да има официјална потврда дека напаѓачите од Сан Бернардино се симпатизери на Исламската држава, на Twitter се појави порака: „Калифорнија, нашите војници пристигнаа. Бирајте го вашиот крај, нож или бомба“. Пораката дојде од профилот TurMedia335, откако претходните 334 профили со исто име беа избришани. Се чини дека Twitter би можел едноставно да ги забележи овие промени, со оглед на тоа дека праксата што терористите ја користат е да додадат +1 бројка на името на профилот. „На Twitter нема место за повици за насилство, закани и промоција на тероризам, а нашите правила се јасни. Имаме тимови низ целиот свет кои ги истражуваат овие пријави за кршење на правилата за користење и тие соработуваат со властите низ целиот свет кога ова е потребно“, вели портпаролот на Twitter.

Можеби социјалните мрежи како Facebook треба заканите да ги сфаќаат посериозно, бидејќи еден од напаѓачите од Сaн Бернардино токму на Facebook ја објави заклетвата дека се приклучува на Исламската држава. Но, ова не е едноставно, социјалната мрежа има над милијарда корисници и прашање е дали некој сака да ги прегледува постојано сите постови и да ги сфаќа сериозно.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии