Nvidia најави DLSS 2.0, значително подобрен квалитет на рендерирање

Кога Nvidia ги најави новите GeForce RTX графички картички, заедно со нив најавија и нова технологија наречена DLSS. Истата користи машинско учење за да ги зголеми перформансите при гејминг. Во својата почетна верзија, DLSS технологијата имаше проблеми, и во одредени наслови квалитетот кој го добивавте со истата не беше баш најсјаен.

Пред неколку дена Nvidia ја најави втората верзија од технологијата, DLSS 2.0. Доколку некој од вас ја има играно Wolfenstein: Youngblood, со новиот RTX апдејт кој стана достапен пред некое време веќе ви се на располагање некои од придобивките и разликите во квалитет кои ги добивате со DLSS 2.0.

Една од најголемите разлики на технологијата е што со DLSS 1.0 алгоритмот мора да биде “обучен” за секоја игра посебно. Со DLSS 2.0, ова сé се менува и целиот систем е многу полесен за интеграција. Токму поради ова се очекува зголемен број на наслови кои ќе воведат поддршка за истиот.

Кои се главните придобивки со DLSS 2.0?

Најголемата, и онаа која ќе е најочигледна за корисниците, е зголемениот квалитет за рендерирање. Споредено со DLSS 1.0, со новата верзија може да очекувате квалитет кој е споредлив со нативната резолуција, а алгоритмот ќе треба да изрендерира помеѓу една четвртина и една половина од пикселите. За подобрена стабилност помеѓу фрејмови и поостри детали се искористени нови техники за временски повратни информации.

Покрај ова, со DLSS 1.0 имаше и одредени ограничувања во поглед на подесувања во игрите, како и во резолуциите, но новиот модел за вештачка интелигенција ги користи Tensor јадрата присутни во RTX графичките картички многу поефикасно, и егзекуцијата е 2 пати побрза од првата верзија. Со ова, било какви рестрикции за графички картички, подесувања и резолуции, се тргаат.

Како што споменавме погоре, DLSS 2.0 не работи со учење на секоја игра посебно, туку учи со содржина која не е специфична за ниту една игра. Ова овозможува да ја гледаме технологијата како мрежа која работи на голем број наслови, и истата да биде интегрирана поедноставно и побрзо.

За крај, DLSS 2.0 им дава повеќе избор на корисниците. Има три нивоа на перформанси (Quality, Balanced, и Performance), а истите влијаат врз резолуцијата на рендерирање. Performance нивото ви дава можност да ја зголемите резолуцијата четирикратно, што е огромен напредок. Не само што со ова имате повеќе избор за тоа какво сакате да биде вашето гејминг искуство, туку и разликата во перформанси ќе е повеќе од очигледна.

Со кои игри ќе може да ја видите разликата?

Како што веќе спомнавме, Wolfenstein: Youngblood веќе има можност за DLSS 2.0, а покрај неа тука е и Deliver us the Moon. Се очекува за многу брзо технологијата да е достапна и за Mechwarrior 5 и Control.

Покрај ова, многу корисници ќе се запрашаат што станува со постари наслови кои работат со DLSS 1.0, како Metro Exodus, Shadow of the Tomb Raider или Battlefield V. За жал, за истите ќе биде потребна надградба за да може да ги искористите придобивките од DLSS 2.0, што исто така значи дека оваа технологија веројатно нема да биде достапна за сите наслови кои користат DLSS 1.0.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии