Нуклеарна патент војна: Аpple, Microsoft, BlackBerry и Sony ги тужат Google, Samsung, HTC, LG и Huawei

Rockstar Consortium, составен од Apple, Microsoft, BlackBery, Ericsson и Sony започна сериозна патент војна против Google и производителите кои го користат Android оперативниот систем на своите телефони и таблет компјутери, вклучувајќи ги Asus, HTC, Huawei, LG, ZTE, Samsung и Pantech.

Rockstar здружението беше креирано во 2011-та година откако неколкуте ИТ гиганти го откупија портфолиото со над 6.000 патенти за мобилна технологија и 4G мрежи од банкротираниот канадски телеком Nortel. Google исто така се надаваше со 4,4 милијарди долари за патентите, но изгуби. Тој пораз е една од главните причини што Google потроши 12,5 милијарди долари на Мotorola Mobility и нивните патенти.

Против Google, Motorola, Samsung и другите производители кои користат Android е поднесена жалба за прекршување на седум патенти за „асоцијативен интернет пребарувач“ и за „рекламни машина кои нудат реклами според корисничкото пребарување“. Најстариот патент е од 1997 година уште пред Google да биде основан, додека најновиот е одобрен во 2011-та година. Патентот од 1997-ма се однесува на „навигациска алатка за графички кориснички интерфејс“. Против Google е поднесена жалба и за „неколкуте надавања“ за патентите на Nortel, кои иако не успеал да ги купи „сепак продолжува да ги нарушува“.

Како што пишува Wired во текст за Rockstar, компанијата е составена од тим експерти кои дневно работат на „обратно инжинерство“, односно ги растураат телефоните и таблет компјутерите за да проверат кои технологии се користат и дали тие ги прекршуваат нивните патенти. Според директорот на Rockstar, Џон Вечи, „скоро сите прекршуваат по некој патент“.