Новосадскиот стартап Content Insights доби инвестиција од 1,1 милиони евра

Иднината на новинарството е во Нови Сад, тврди Startit.rs, објавувајќи фантастична вест за новосадскиот стартап Content Insights, кој доби вкупно 1,1 милион евра од неколку фондови: North base Media, Neveq и Eleven. Парите на Content Insights, кој стартуваше пред само две години, му се потребни да го зголеми тимот и да ги усоврши своите алатки за анализа на онлајн медиумите. Стартапот сака да им помогне на медиумите да пишуваат за навистина важни теми, покажувајќи им аналитики за релевантна публика, наместо да бркаат сензационалистички наслови по што е можно повеќе кликови.

Content Insights е креиран од тимот кој го направи саркастичниот Njuz.net, чии лажни текстови неколку пати беа протолкувани како вистински вести од медиумите кои бркаат сензационалистички наслови. Сфатија дека тоа што навистина е потребно е аналитички податоци кои ќе им покажат на медиумите што е важна информација. „Во онлајн новинарството повеќе не е важно дали си New York Time и дали креираш квалитетна содржина, побитен е насловот кој го пласираш на публиката. Интегритетот и истражувачкото новинарство исчезнуваат, сé се сведува на бројот на прегледи на веб-страниците. И на сите медиуми им е јасно дека тој систем е полн со грешки, но мораат да го користат – бидејќи нема друг. Ние им помагаме да излезат од таа ситуација“, вели Дејан Николиќ, еден од основачите на стартапот, за Startit.rs

Алатката од Content Insights треба да им помогне на уредниците на медиумите преку релевантни податоци да заклучат што прави една статија популарна. Со ова ќе знаат што треба да направат за да привлечат што е можно поголем број на прегледи, а со тоа и да ја монетизираат содржината. Сепак, наместо досегашниот број на кликови, стартапот сака да измери и колку од статиите предизвикуваат ангажман од публиката, но и кои ја привлекуваат публиката да се врати на сајтовите.