Правно зајакни е нова веб платформа на која граѓаните може да пронајдат многу податоци за своите права и обврски. Платформата има многу корисни информации околу тоа со кои права располага секој граѓанин и кои чекори треба да ги преземе доколку тие се прекршени. Платформата е изработена како дел од кампањата за правно зајакнување од Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Целта секако е да им се помогне на граѓаните кои не се доволно запознаени со своите права. Да им се помогне да најдат конкретни правни решенија, и можности за решавање на своите проблеми. Сервисот треба да ги мотивира граѓаните да бараат и отчетност и одговорност од властите. Сајтот има податоци за најчестите проблеми на граѓаните, пример: прекин на работниот однос, здравствена заштита, социјална парична помош, семејна пензија и сл.
Дополнително, на Правно зајакни може да пронајдете и линкови до граѓански организации кои може да им помогнат на граѓаните во случај на правни проблеми; да им обезбедат бесплатна правна помош; параправна помош; стратешко застапување. Овие контакти се од огромно значење за граѓаните, а сега сите ви се достапни на едно место.
„Наша основна цел е да креираме институционална рамка за правно зајакнување на сите граѓани, со тоа што ќе обезбедиме различни начини за пристап до правда за граѓаните, вклучително и за најмаргинализираните групи во општеството на локално и на национално ниво. Генералната заложба на ФООМ е насочена кон национална имплементација на досегашните практики за правно зајакнување која ќе се реализира преку партнерство меѓу релевантните државни институции, локалните власти и граѓанските организации кои со години работат на полето на правното зајакнување“, велат од Фондацијата Отворено општество – Македонија.
За жал, пристапот до правда за граѓаните често значи долга и скапа битка низ правните лавиринти. Целта на новата алатка е да го покаже токму спротивното, да им помогне на граѓаните да дојдат до правда без долга и скапа битка.