Нова пракса – во случај на опасност побезбедно е да се провери со беспилотно летало

Ураганот Метју предизвика поплави во Хаити и САД. Граѓаните секако се најпогодени од оваа катастрофа, но и инфраструктурата на телеком операторите е погодена од поплавата.

Еден од најголемите телеком оператори во САД, Verizon, објави дека за прв пат користи дронови за проверка на антените. Дроновите не само што овозможуваат да се провери антената, туку овозможуваат и да се провери пристапноста до неа. Брза проверка покажува дали до антената може да се стигне со автомобил или ќе биде потребен чамец. Па така компанијата испрати сервисери со чамец за поправка на зафатена локација, откако проценката првин ја изврши дрон.

Користењето дронови не заврши со Verizon. Осигурителната компанија Allstate, користеше дрон за да ја провери состојбата со имот во Савана, јави Recode. Компанијата испрати беспилотно летало за да провери кров на куќа врз која падна дрво. Travelers е уште една осигурителна компанија која се приклучи кон трендот и сега користи дронови. Овие компании одат и чекор понатаму и самите тренираат пилоти за дроновите.

Сепак ниту една од овие компании не доаѓа ниту блиску до НАСА. Национална администрација за аеронаутика и вселена користи дронови за да го набљудува невремето и за собирање на податоци. Global Hawk леталото на НАСА, може да лета 30 часа на висина од 18 километри.