Пофален од TechCrunch, CultOfMac и поддржан од KickStarter заедницата преку која за само неколку дена собра 16.000 долари, CompleteDock е на пат да стане вистински успех.

CompleteDock е подлога (dock) за мобилни уреди како iPаd, iPhone, Samsung Galaxy Note 10.1 и куп други уреди. Моментално проектот привлече над 16.000 долари донации од корисници на KickStarter, и се чини (искрено се надеваме) дека ќе ги собере сите 40.000 долари кои се поставени како цел, потребни за масовно производство.

„Ако ги соберам бараните средства ќе одиме на реализација и испорака. Потоа ќе вработиме тим од маркетинг и бизнис личности кои ќе треба да направат од тоа бизнис. Мене веќе во главата ми е верзија 2.0.“, вели Глигор Дачевски, иноваторот зад овој проект.

Г. Дачевски веќе има искуство со стартапи и успешни проекти. На македонската софтвер и бизнис заедница тој им е познат како ко-основач на софтверската компанија Seavus заедно со Игор Лештар. По напуштање на Seavus, Глигор се впушти во водите на мобилни апликации и ја создаде фитнес апликацијата SportyPal, која денеска се брои меѓу најдобрите фитнес мобилни апликации за сите мобилни платформи.

Целта на CompleteDock е да функционира со сите уреди, сегашни и идни, благодарение на приклучокот кој може да се менува и на кој може да се постави големиот 30-пин конектор, USB кабел или micro USB, зависно од што е потребно за вашиот уред. Дополнително поддршката на “седиштето” може да се извади за да одговара на различните големини. Во план е и изработка на CompleteDoc Mini.

Идејата за CompleteDock доаѓа од несоодветното решение кое го нуди Apple кое иако наречено Universal Dock, функционира само со iPad.

„Зa КickStarter дознав некаде во февруари годинава, а баш во тоа време барав и докинг за iPad-oт. Како што може да се види и од видеото, единствена прифатлива опција беше оригиналниот на Apple, ама тој ми беше половично решение. Имавме претходно успешен проект Xperia Аctive Bike Holder, па ова го прифативме како дополнителен предизвик.“, објаснува г. Дачевски.

Complete Dock веднаш го привлече вниманието на познати светски ИТ блогови. ТechCrunch во текст насловен како “Конечно, подлога која не трепнува кога Apple ќе ги промени конекторите или дизајнот на уредите” коментира дека CompleteDock e корисен проект кој за разлика од другите ИТ продукти на KickStarter е создаден да трае. TechCrunch додава дека најдобриот дел е тоа што CompleteDock е веќе реален продукт, кој авторот го има видено на конференција на која присуствувал Глигор.

Популарниот блог за Apple продукти CultOfMac пак го нарекува CompleteDock поуниверзална подлога од Universal Dock на Apple.

CompleteDock е произведен со Aluminum Alloy 6082 како главен материјал, обработен со помош на CNC машина, а доколку проектот на KickStarter е успешен, планот е да се инвестира во нова CNC машина за масовна продукција, како дополнителна поддршка на постоечките две кои го чекаат знакот за производство.

Останува да му посакаме успех на Глигор и на тимот зад овој проект!

п.с. Доколку сакате да го поддржите проектот и да “инвестирате” во него, сторете го тоа преку KickStarter.

6 коментари на “Нов македонски стартап – CompleteDock

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии