Нотификациите на Samsung уредите, сепак безбедносен пропуст

Во текот на минатата седмица, многу корисници на Samsung смартфони кои ја имаат инсталирано апликацијата Find My Mobile добија нотификација од истата. Нотификацијата се состои од “1/1”, и за многу корисници е потполно неочекувана. Како кај корисници кои ја користат апликацијата, нотификација стигнала и кај некои корисници кои ја имале потполно исклучено опцијата за нотификации. Мал број на корисници пак кои ја добиле нотификацијата добиле и пристап до податоците на други корисници, за нив непознати.

Апликацијата Find My Mobile е наменета за корисници на кои им е украден или изгубен уредот и овозможува да се поврзете на него за да ја дознаете неговата локација. Токму поради ова, фактот што корисници добија нотификација од истата е, во најмала рака, непријатен.

Што вели Samsung?

Кратко откако излезе веста за нотификацијата, Samsung изјавија дека нотификацијата е испратена ненамерно, a е резултат на интерен тест. Во истата изјава, Samsung се извинуваат и тврдат дека истата нема никаков ефект врз уредите на корисниците.

И покрај тоа, голем број на корисници се одлучија потполно да ја исклучат апликацијата. За жал, ова е апликација која доаѓа со софтверот на Samsung, и како таква, не може едноставно да се избрише од уредот без понапредни чекори.

Неколку дена подоцна, Samsung излегоа со уште една изјава која е контрадикторна на првата, но за многумина има повеќе логика – дека нотификацијата е резултат на безбедносен пропуст. Истиот им дал пристап на горенаведените корисници до податоците на други, непознати корисници, што е прилично сериозен проблем.

Официјалниот став на Samsung е дека многу мал број на корисници се засегнати и дека индивидуално ги контактираат истите за да им помогнат да го решат проблемот. Привременото решение на Samsung е да оневозможи најава на нивната интернет продавница додека проблемот не се реши потполно. Со ова се оневозможува злоупотреба на туѓите податоци.

Дали може да се превземе нешто?

Без оглед на тоа дали сте ја добиле нотификацијата или не, фактот што и компанија од рангот на Samsung се соочува со безбедносни пропусти не тера да размислиме како подобро да се заштитиме од истите.

Првиот чекор е да ја промените вашата лозинка, онаа која ја користите за да се најавите на било кој од сервисите на Samsung. Имајте на ум дека ќе треба повторно да се најавите на истите сервиси по промената, па одвојте малку повеќе време за да се погрижите и за тоа.

Вториот чекор е да вклучите тн. Two-Factor Verification (2FA). Истото значи дека кога и да треба да се најавите на било кој од сервисите на Samsung , ќе ви биде испратена SMS порака со код кој ќе треба да го внесете. Додека за некои корисници ова звучи само како дополнителен чекор кој одзема време, несомнено е дека ваквата верификација додава многу од гледна точка на безбедност. За среќа, кај Samsung уредите вклучувањето на истата е прилично лесно.   

Ваквата верификација, покрај вашиот телефонски број, може да се користи и со Microsoft Authenticator апликацијата. Ова може да е корисно кога сте во ситуација во која немате пристап до мобилна мрежа и ви треба алтернатива. 

1 коментар на “Нотификациите на Samsung уредите, сепак безбедносен пропуст

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии