(Ова е гостински пост на Нино Карас, ко-основач на македонскиот стартап CodeWell кој изработува мобилни апликации за различни платформи. Нивни апликации се АвтоБуско, TraWell, Skopje City Guide и други.)

Mobile World Congress 2013 во Барселона е најголемиот конгрес на кој се претставуваат сите светски производители на мобилни телефони, таблет компјутери, гaџети, софтверски производи, мобилни и телеком оператори и куп други иновации. Овој конгрес е како Дизниленд за секој ИТ ентузијаст, зависник од технологија, посебно за сите кои се тесно поврзани со мобилната технологија.

Ова е навистина голем настан, но не само по познатите брендови кои се представуваат таму, туку и по физичката големина на просториите во кои се одржуваше. Оваа година, за разлика од предходната година конгресот беше организиран на саемот Fira Gran Via во Барселона. Всушност градот и географската локација е иста, но конгресот оваа година е организиран во комплетно друг објект кој е двојно поголем од претходниот. Се работи за простор со вкупна површина од 240.000 метри квадратни, поделен во 9 огромни хали полни со гаџети и технологии.

Конгресот генерално е наменет за неколку работи: промоција на нови продукти хардверски и софтверски, промоција на компании, градење на нови контакти како и одржување состаноци помеѓу најголемите гиганти и двигатели на мобилните технологии во светот. За последната намена беа окупирани можеби 20 отсто од целата површина на саемот каде беа подигнати и цели големи објекти (речиси згради) со канцеларии во кои се одвиваа состаноците помеѓу „големите риби”. Преостанатиот дел од просторот, оној поинтересниот за нас, беше наменет за промоција и отворени штандови, меѓу кои можеа да се најдат штандови како на големи и познати, така и на првпат слушнати производители и компании од кои голем дел беа од азиските земји. Меѓу другото на овие штандови беа промовирани и нови иновативни технологии и прототипови во различни фази на развој достапни за тестирање.

Чувството да се биде таму е навистина одлично, да се најдете меѓу толку многу нови уреди и технологии и скоро секое уредче/технологија лично да го искусите, испробате и да му се израдувате. Едноставно одите од штанд незнаејќи на што попрво да обрнете внимание, испитувајќи и испрашувајќи ги одговорните лица за технологиите кои ви се интересни и ново промовирани истовремено побарувајќи да ги опишат, што претставуваат и ги притоа бомбардирате со прашања „како работи ова, а ова како е решено…?“. Покрај новите технологии, на штандовите можете да се запознаете со многу интересни луѓе од различни компании и организации кои имаат и нудат различни девелоперски програми од различни типови со различни бенефити. За опишување на чувството можете лесно да направите аналогија со чувството на радосно дете кое за прв пат влегува во Дизниленд.

Сè се врти околу NFC

Буквално сè! Иако до некаде претпоставувавме дека така и ќе биде, но присуството на оваа технологија која е се почесто достапна во паметните телефони и таблет компјутери можеше да се забележи насекаде, почнувајќи од начинот за влез на конгресот и добивање на екстра информации, се до новите геџети и технологии кои во иднина треба да се појават на светскиот пазар.

Постоеа два начини да влезете на конгресот. Или на секој влез на кој беше потребна идентификација требаше да го покажете вашиот беџ од конгресот и вашиот пасош, или можевте да влезете со NFC (Near Field Communication) беџ-мобилна апликација. Привилегијата на NFC беџот беше во тоа што процесот на индентификација беше олеснет. Сè што требаше да направите е да поминете низ портата на која имаше поставено уред со NFC и додека ви e вклучена мобилната апликација, да го споделите преку NFC беџот, со едноставно допирање на вашиот телефон со нивниот уред. Втората привилегија беше во тоа што влегувањето низ NFC портите беше навистина побрзо, поради причината што времето на идентификација за даден посетител беше намалено, а и поради причината дека не сите имаа креирано NFC беџ.

На конференцијата беа поставени и многу различни NFC тагови кои даваа информации од различен карактер, тргнувајќи од информации за тоа што има во која сала до спецификации за даден уред технологија, па се до промо видеа и дополнителна содржина. Зачестеноста и присуството на NFC се забележуваше и во ново најавените уреди од светските производители меѓу кои во секој втор уред е вградена NFC технологијата за воспоставување на некаква комуникација. На пример wireless слушалки со NFC, NAT уреди со NFC и така натаму.

Интересни прототипови на технологии

На овој конгрес беа презентирани многу интересни прототипови кои можеа да се тестираат и пробаат. Некои од нив кои нас ни оставија најголем впечаток се следниве:

Паметен телефон со 2 екрани

На конгресот NEC Electronics презентираа прототип на телефон во веќе многу зрела фаза на развој. Се работи за паметен телефон кој работи на Android оперативниот систем кој има екран на преднатата и на задната страна на уредот.

Тоа што го прави овој телефон интересен е тоа што по потреба предниот екран на телефонот се отвара и ротира околу уредот и се спојува со екранот од задната страна. На овој начин се активира екранот на задната страна и притоа може да се користи во два различни мода на работа. Едниот мод овозможува стандардна Android апликација кога телефонот е во хоризонтална позиција автоматски да се рашири низ двата екрана на телефонот при што се добива чувство како да работите на еден голем екран. Другиот мод овозможува да работите на едниот екран со една апликација, а на другиот екран да имате вклучено помошни алатки кои ќе ви помагаат при користењето. Таков пример е меил апликација на која додека пишувате меил, на едниот екран ви се прикажува содржината на меилот, а на другиот ви се прикажува тастатурата. За развој на апликација специјално за овој уред, производителот има во план да пушти додатно SDK.

Очила со проширена реалност

Беа презентирани и неколку прототипови на очила со проширена реалност (augmented reality) т.е. обиди да се направи технологија пандан на Project Glass. Едниот прототип е во многу рана фаза и беше презентиран од страна на Fujitsu Siemens.

Се работи за идеја да се направат очила или само додаток, кој представува ласерски проектор кој проектира додатна слика директно во ретината на окото. Прототипот работи иако сега за сега е во многу рана фаза, бидејќи моментално димензиите на проекторот се многу големи и се далеку од димензии на гaџет кој може да го носите со вас (на сликата горе, делот кој е намонтиран на слушалките, но и машината – црното куќиште лево на сликата). Во разговор со луѓето од компанијата, ни рекоа дека планираат да го донесат до големини на геџет и да се најде на светскиот пазар дури за 3 години од сега.

Вториот прототип беше презентиран од јапонска компанија која не е позната во светски рамки. Се работи за очила со збогатена реалност, кои ви прикажуваат дадена содржина зависно од насоката на вашиот поглед. Дoдека ги носите наочарите и гледате право не ви се прикажува ништо, доколку погледнете накај подот ви се прикажува транспарентна мапа на градот со вашата GPS локација, доколку пак погледнете нагоре ви се покажува транспарентна временска прогрнозна за локација каде што се наоѓате. Доколку погледнете на лево или на десно, ви се покажуваат транспарентни декстоп површини со икони на апликации. Тоа што ги прави навистина интересни овие наочари е што препознаваат „touch” гест кои го изведувате во воздух за да кликнете на дадена апликација. Иако механизмот за препознавање на гестови сеуште не работи нај перфектно сепак е донесен до некоја сериозна фаза и се очекува истиот да се докомплетира успешно. Овие наочари овозможуваат навистина пријатно sci-fi корисничко искуство, иако притоа може да ве гледаат чудно луѓето во вашата околина додека ги изведувате „touch” гестовите во воздух.

Презентација на национално ниво

Презентирањето на вашиот производ или вашата компанија на конгрес од вакви рамки е од голем значај и може комплетно да ви ја смени кариeрата. Сепак изнајмувањето на простор и поставувањето на штандови чини огромни пари кои често не можат да си ги дозволат ни повеќето мали фирми и стартапи од странство, а не пак стартапите во Македонија. Поради таа причина и промовирање на достигнувањето на информатичката технологија во рамки на државата, многу од странските држави имаа изнајмено штандови во кои беа поставени помали штандови на стартапи и помали ИТ компании од таа држава кои имаа што да презентираат. Па така можеа да се сретнат штандови на Литванија, Израел, Јапан, Кореа, Франција итн. Можеби е добра иницијатива нашата држава да го направи истиот тој чекор, со цел да се промовираат производите на македонските стартап компании.

Заклучок

Посетата на конгреси и конференции од светски рамки е навистина позитивна работа преку која можете да се стекнете со различни бенефити. Mobile World Congress е настан кој дефинитивно треба да се посети од секој професионалец кој работи во полето на мобилните технологии, а и од секој ИТ ентузијаст. Информациите за ново објавените технологии можете да ги добиете на интернет, но сепак шансата реално да ги испробате истите е сосема поинакво искуство. Иако малку недостапен во однос на далечината и цената на билетите посетата на овој конгрес е можност која треба да ја згрaпчите секогаш кога ќе имате шанса.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии