Неправилностите на изборите ќе се следат со Ushahidi платформата

Виктор Дано

во ИТ.МК, Статии

Сега Ushahidi ќе се користи и за следење на македонските парламентарни избори. Мојотизбор.мк го приспособи отворениот код на Ushahidi за да се мапираат изборните единици, неправилностите на изборите, митинзите и друг вид на информации, донесувајќи ја транспарентноста со помош од самите граѓани.

„Традиционалните медиуми располагаат со ограничени ресурси за следење на големи настани, па неможноста од итно медиумско известување за сите неправилности се надополнува со помош на граѓаните.“, вели Борис Ристовски од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Мојотизбор.мк е проект на МЦМС, Институтот за демократија Социетас Цивилис (ИДСЦС) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ).

Што е Ushahidi? И зошто Ushahidi?

Ushahidi е непрофитна компанија која креира слободен софтвер со отворен код кој се користи за собирање на информации и нивно визуелизарање преку интерактивно гео-мапирање. Една од нивните алатки е Ushahidi платформата (The Ushahidi Platform) која првично е развиена со цел да се мапираат инцидентите кои се случувале како последица во пост-изборниот период во Кенија на почетокот на 2008 година.

Полезноста на оваа алатка беше веднаш воочена и од тогаш употребата на оваа платформа е секој ден сé поголема, за колекционирање на најразлични видови на информации. Оваа платформа се користи глобално од страна на активисти, новински организации и од страна на граѓаните. Последниот податок вели дека платформата се користи во 128 земји во светот, на преку 14.000 веб сајтови.

The Ushahidi platform has been deployed 14,000+ times in 128 countries globallyless than a minute ago via Twitter for Mac Favorite Retweet Reply

Како ќе помогне во .мк? Како се користи?

За прв пат во Македонија, како самостојна платформа Ushahidi се користи во рамки на проектот Мојот избор 2011, како платформа за мапирање на неправилности за време на изборниот процес за парламентарните избори www.mojotizbor.mk/prijavi. Традиционалните медиуми располагаат со ограничени ресурси, па неможноста од медиумско известување за сите неправилности се надополнува преку краудсорсинг, односно преку пријавување на инциденти од страна на граѓаните-жители на Македонија кои биле сведоци на истите.

На www.mojotizbor.mk/prijavi граѓаните можат да проверат дали во нивна близина има пријавено инциденти, или пак доколку биле сведоци на некој инцидент, истиот многу лесно да го пријават преку пополнување на едноставна форма директно на веб сајтот. Платформата нуди можност граѓанинот да го лоцира инцидентот на мапа, да даде опис што точно се случило,  да прикачи фотографија или линк до видео запис и притоа може да одбере дали пријавувањето ќе биде анонимно или пак ќе внесе свое име и презиме. Постојат и други начини за пријавување на инциденти, со испраќање на е-пошта на [email protected], со користење на тагот #prijavi на Twitter и наскоро се разгледува можноста за пријавување преку испраќање на SMS порака.

Дали очекувате .мк корисниците да го разберат и користат сервисот?

Оваа платформа е создадена да биде пристапна на секој граѓанин, и за оние кои немаат напредни компјутерски вештини, се користи и во помалку развиените земји. Oвој концепт на учество на граѓаните не е доволно познат на нашата јавност, се работи за нов продукт, па и за негово прифаќање и употреба ќе биде потребно малку повеќе време. Секако, тука сме за да им помогнеме на оние на кои им е потребна помош.

Ќе има ли можност набљудувачите на изборите да го искористат Ushahidi за пријавување на неправилности?

МЦМС има мрежа на 14 регионални координатори и нивни помошници, кои дополнително ќе ангажираат набљудувачи за денот на изборите. Тие имаат обврска да ги следат митинзите и работата на општинските изборни комисии да известуваат за нив. Дел од нивната обврска е да ги следат и неправилностите односно инцидентите. Како што спомнав и погоре, платформата е пристапна за секој граѓанин, пријавувањето е низ пополнување на едноставни форми, нема зошто набљудувачите на изборите да не ја искористат како можност за пријавување на неправилности.

Што откако ќе бидат пријавени неправилностите или митинзите? Дали ќе бидат спроведени до соодветните власти, всушност дали ќе бидат сфатени сериозно и кредибилни податоците преку Ushahidi?

Сите извештаи од регионалните координатори, нивите помошници и набљудувачите, се собираат и се користат за анализа на текот на изборниот процес, за која ќе биде изготвен извештај. Исто така тие ќе имаат обврска и да ги проверуваат пријавите доставени преку Ushahidi. Извештајот ќе биде доставен до надлежните органи (ДИК, МВР, итн.).

Примери што најмногу ве инспирираа за да користите Ushahidi?

Досега алатката Ushahidi како платформа за следење на изборите е успешно користена во многу земји како Мексико, Кенија, Индија, Бурунди и др. Пример – http://blog.ushahidi.com/index.php/category/elections/. Исто така за време на големите пожари во Русија, оваа алатка беше прифатена и користена во голема мера од страна на граѓаните http://russian-fires.ru. Има многу примери за употребата на оваа платформа за најразлични видови на информации.

Нешто што сакаш да додадеш?

u•sha•hi•di [oo-shah-hee-dee] – Свахили збор што значи „сведочење”.

1 коментар на “Неправилностите на изборите ќе се следат со Ushahidi платформата

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии