Неколку интересни стартапи и нивните грешки од Demo Day на NewMan’s

Зад затворени врати, во мала сала преполна со македонски стартапи и разни инвеститори се одржа Demo Day на македонскиот акселератор NewMen’s Business Accelerator. Идејата беше стартапите од Македонија, Хрватска и Словенија да се претстават за само неколку минути, и можеби да успеат да привлечат инвестиција од безмилосните инвеститори кои сакаат да го знаат и најмалиот детал од бизнис планот.

Но, како и на претходни македонски стартап настани, така и на овој имаше претеран оптимизам. Стартапите бараа по десетици илјади евра инвестиција, некои дури и над стотина илјади за 10 отсто од компанијата, иако немаа продукт кој ќе го покажат. Некои прогнозираа неверојатни милионски приходи по само три години, иако немаа остварено ниту една продажба. Други веруваа дека ќе победат моќни конкуренти, иако им требаа пари за тим да им ја реализира идејата.

Претераното играње со бројките натера еден од бизнис-ангелите да прекине презентација за да им посочи на стартапите дека треба да бидат реалистични и дека идеја нема вредност од милиони долари. Еден стартап без да покаже демо побара 500.000 евра, што беше малку претерано. Друг искусен претприемач спомна дека стартапите ветуваат милионски приходи кои на инвеститорот не му се исплатат по дооолг период. Пример, еден стартап бараше инвестиција од 50 илјади долари за 10 отсто, и ветуваше дека ќе има замислени пет милиони долари приход во 2025-та, што за инвеститорот би биле само 500.000 долари по долги десет години. Бизнис-ангелите сакаат ризик и придобивките што тој ги носи, не да чекаат десет години.

Знам дека се цели кон ѕвездите, но ако имаше толку пари за инвестирање во Македонија ние ќе имавме фантастична стартап сцена. Но, тоа не е вистината. Споредено со македонските стартапи, нивните колеги од Хрватска и Словенија веќе имаа подготвени продукти кои се одлични, имаат реализирани бизнис планови, некои веќе имаат и остварено продажби. Секако дека може да се успее од Македонија, имаме куп примери, но, како што вели инвеститорот, можеби треба да се биде малку пореален.

Сепак, не е се doom and gloom. На Demo Day се претставија околу 14 стартапи, од кои имаше неколку фантастични идеи, со демо се разбира:

  • Modular (Mакедонија) има идеја да ги претвори емоциите во реални продукти. Стартапот има платформа преку која корисникот може да си персонализира 3D геометриски облици кои подоцна ќе се претворат во реален објек, пример во светилка или мала статуа. За изработка на продуктите може да се користи 3Д принтер. Очекуваат бета верзија да објават за неколку месеци, преку која ќе продаваат над 300 различни облици од различни материјали и различни цени од пет до пет илјади долари.
  • Fridgecheck (Македонија/Хрватска) е стартап основан од хрватски претприемач, но во Скопје. Веќе постои сајт и мобилна апликација која може преку SMS или друг канал да ви испрати предлози што да јадете. Вие треба само да одберете намирници кои ги имате во фрижидерот и апликацијата ќе ви презентира рецепти.
  • Take an Аd (Maкедонија) e мобилна апликација со која може самите да си правите Facebook реклами. Зад неа стои искусниот тим на маркетинг агенцијата IM.mk и е достапна веќе на AppStore. Идејата е да им се овозможи на малите и средни бизниси да си закачат своја Facebook реклама во неколку едноставни чекори.
  • Last Hope (Македонија) ја направи кардиналната грешка на едно стартап претставување – го заборавија демото. Но, двајцата 19-годишни близнаци имаат интересна идеја за FPS играта сместен нов отворен постапокалиптичен свет во кој ќе може да се градат куќи, собираат продукти и да се продаваат виртуелни добра. Предизвикот е што играта може да биде тешка да се направи.
  • Lushna (Словенија) e стартап кој продава гламурозно кампување, или како што тие го нарекуваат „glamcamping“. Kомпанијата произведува шатори за кампување но кои се ексклузивни и кои се наменети не за индивидуални капери, туку ги продаваат на хотели и други бизниси кои имаат убави локации на кои можат да ги постават. Стартапот го таргетира луксузниот пазар, бидејќи шаторите од неколку илјадници евра се наменети за „клиентите кои сакаат да платат“.
  • Nervtech (Словенија) ја користи виртуелната реалност на Oculus Rift за да развие симулатор за возење автомобил. Целта на стартапот е преку симулации да се најдат индивидуалните грешки на секој кандидат што полага за автомобил, и потоа да се поправат што би значело и побезбедно возење, и помалку сообраќајни несреќи

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии