Не е се така бело како што изгледа, Google+ брише профили ако се со лажно име

Поминаа само три недели, а Google+ веќе има 20 милиони корисници. За споредба, на Facebook му требаа три години да стигне до таа бројка. Но, и покрај позитивните критики и огромниот публицитет, сепак кај Google+ не е сè така бело како што изгледа.

Еден од главните и контроверзните услови за користење на Google+ е профилот да го носи вистинското име на корисникот. Бидејќи голем број на корисници се немаат придржувано до главните услови, Google има преземено екстремни мерки за решавање на овој проблем. Многу од профилите кои се воделе под псевдоним се избришани без никакво предупредување. Овој процес на бришење сè уште трае, и тоа не само на Google+ профилите. Google ве брише од сите нивни услуги, како што се Gmail и YouTube. Затоа пред да се зачлените на Google+, размислете убаво дали ќе го користите вашето вистинско име или псевдоним.

Уште еден проблем со Google+ е тоа што намената му е само за вистински личности, меѓутоа тоа не ги сопре многу компании да си отворат Google+ профили. Google се прилично ригорозни кога се прекршуваат нивните услови на користење, па така на сите брендови им нареди да ги избришат своите профили. Оние брендови што не го сторија тоа ги снајде истата судбина што ги снајде и профилите со псевдоними. Меѓутоа, Google ги нема избришано сите брендови. Некои од нив сè уште ги имаат задржано корпоративните профили како дел од тест програма. Оваа селективност од страна на Google+ предизвика остри реакции кај оние брендови кои веќе ги имаат тргнато своите профили или се присилно избришани. Дополнителни негативни реакции предизвика и можноста некои брендови само да си се преименуваат и автоматски да ги задржат сите свои следбеници.

Google тимот очигледно не очекуваше дека Google+ ќе стигне до 20 милиони корисници за толку краток период, и оттука и неподготвеноста за големиот број на брендови кои покажаа интерес во оваа платформа. Поради овој голем интерес, продукт менаџерот на Google, Кристијан Oeстлиен, најави дека моментално се работи на тоа што побрзо да се задоволат интересите на брендовите, со овозможување на нивно што поквалитено присуство на Google+. Во наредните месеци брендовите ќе добијат посебни профили кои ќе содржат дополнителни опции. Според него, во овие опции, покрај различниот начин на споделување на содржина, ќе биде вклучена и интеграција на алатките за анализа и мерење. Овие алатки можат да се најдат во скоро сите производи на Google.

Со оваа најава, од Google се надеваат дека ќе успеат да го намалат незадоволството кај компаниите кои се нестрпливи да го искористат потенцијалниот пазар кој Google+ го создаде во толку краток рок.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии