Навлезете во бројни политички и романтични игри со визуелниот роман Ambition: A Minuet in Power

Во сржта, Ambition: A Minuet in Power e визуелен роман. Загребете под површината и ќе откриете и чистокрвна симулација за состаноци, политички интриги и дипломатско разрешување на бројни проблеми во Париз од 18 век.


Ambition: A Minuet in Power се игра како и секој друг визуелен роман – преку читање многу, многу текст. Но, уште по првите 30 минути забележувате дека ова е визуелен роман каде изборот што го донесувате е од клучна важност. Притиснати од времето, на вас е да одберете каде ќе одите, на кого ќе му се приближите и што ќе кажете. Преку вашиот календар, внимателно ја планирате неделата пред вас, а во зависност од картите кои ќе решите да ги покажете, вашето искуство ќе расте, а со тоа и вашата моќ да си ја оформите иднината која што отсекогаш сте ја посакувале.

Купувајте, но не продавајте!

Joy Manufacturing Co., во соработка со Iceberg Interactive имаат преубаво илустриран роман, со длабока приказна и комплексни ликови. Играјќи со Ивет, деновите ги поминувате низ најразлични забави организирани од највлијателните луѓе, негувајќи ги вашите таленти за оговарање и извлекување што е можно повеќе тајни. Во Аmbition: A Minuet in Power, вредноста е во тајните со кои располагате и начинот на кој ги користите за да го промените мислењето на јавноста или пак да се зближите со одредена фракција. Надвор од ова, времето го поминувате шетајќи низ улиците на Париз и негувајќи најразлични односи со познаници, пријатели и љубовни интереси, пак со цел да извлечете нешто што би можело да ви даде некаква предност пред непријателите. А непријатели имате премногу. Исто онолку колку и потенцијални љубовници.

Аmbition: A Minuet in Power од петни жили се труди да му бидете неверни на вашиот вереник и постојано ве втурнува во ситуации каде сте апсолутно неодоливи на влијателни мажи и жени – личности кои, за една интимна ноќ, и тоа како би можеле да ви помогнат во вашите политички битки. Работите стануваат малку комплицирани кога почнувате да размислувате дали е ова интересна и забавна интеракција за собирање влијание или потврда на одвратната шовинистичка изрека дека најблискиот пат до врвот е преку креветот.

Опасна амбиција

Кога ќе се земе сè во предвид, факт е дека Аmbition: A Minuet in Power има исклучително долга и комплексна приказна од која се цедат интриги. Вредноста на преигрување е на исклучително високо ниво затоа што на секоја забава, на пример, можете да донесете ограничен број одлуки и да размотувате само дел од клупчето со прилики. Донесете лоши или непромислени одлуки и последиците ќе останат со вас, а кредибилитетот ќе тоне надолу. Токму ова, во комбинација со преубавите илустрации и музичка подлога, го прават чедото на Joy Manufacturing Co. како одличен продукт на интерактивна забава кој долго останува со вас.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии