ИТ настан: Стартува четвртиот NASA Space Apps Challenge!

Четвртиот NASA Space Apps Challenge e закажан од 22 до 24 април, а сите заинтересирани тимови имаат време до 17 април да се пријават за учество на хакатонот. Скопје, Битола, Охрид и Тетово се локациите на кои македонските учесници ќе имаат вистински предизвик пред себе. Предизвикот е да се креираат иновативни решенија во рок од 48 часа, и се бараат иновативни идеи за животот на Земјата, решавање на проблемите на оваа планета, но и решенија за живот во Вселената.

Хакатонот во Македонија ќе се одржи во организација на NewMan’s Business акцелераторот, кои оваа година се координатор за локациите во Македонија, но и за Загреб, Белград, Приштина, Тирана, Љубљана, Копер и Виена. Оваа година, акцелераторот е организатор на натпреварот и во Силициумската долина, а се вклучува како ко-организатор во Сан Франциско и Лос Анџелес, со што на учесниците од Македонија ќе им се овозможи да соработуваат и да креираат тимови заедно со учесниците од овие три локации и на тој начин да стигнат до подобри решенија на поставените предизвици.

„Овој натпревар е отворен за студенти по програмирање и дизајн, но и за оние од природните науки – биологија, хемија, физика, географија, како и за останатите општествени науки, затоа што станува збор за комплексна тематика каде што се потребни познавања од повеќе области и поседување повеќе вештини за презентација на проектот. Најдобрите тимови ќе имаат можност да влезат во Европската програма за акцелерирање на проектите, која што ќе им помогне да ги реализираат своите проекти“, вели Анита Кировска организатор за Македонија.

Претходните изданија на NASA Space Apps Challenge се покажаа интересни и успешни за девелоперите од Македонија, меѓу кои најмногу се истакна тимот на DECAone кои беа меѓу глобалните финалисти во 2014-та година со проект за управување на роверите на NASA. Ланските трите локални победници беа 3Д принтер на храна во Вселената кој принта пакети со храна која ќе ги има сите витамини и 2.600-те дневни калории што се потребни; Foodmatch со кој се споредува дистрибуцијата на храна во две земји, што ќе помогне да се намали гладот и недостатокот на храна; и float-away кој ќе ги ослободи астронаутите од јажињата со електромагнетни полиња што ќе бидат поврзани со алатките на астронаутот, што би лебделе околу него.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии