Наредбите за следење на комуникациите се дуплирале во последните пет години

Секоја година има се повеќе и повеќе барања за следење на комуникацијата во Македонија, открива нова студија „Надзор на следењето на комуникации во Македонија: Правејќи го невозможното возможно“ на истражувачкиот центар Analytica, направенa од Андреја Богдановски и Магдалена Лембовска, која е гостин на престојната работилница Surveillance 101.

Според податоците од Основниот суд Скопје 1, добиени преку правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, секое барање за следење на комуникациите кое е поднесено до судот одобрено. Тоа се 100 отсто одобрени барања, чиј број во последните пет години се дуплираше.

„Ова може да повлече неколку заклучоци. Од една страна, ја става под знак прашалник способноста и експертизата на судиите да ја оценуваат нужноста и пропорционалноста на мерката, особено ако се земе предвид принципот на „ultima ratio“, што значи дека ваквата мерка треба да се применува само доколку податоците не може да се соберат преку помалку инвазивни методи. Од друга страна, сите лица кои ги интервјуиравме во Македонија за целта на овој труд ја изразија својата загриженост дека Министерството за внатрешни работи одржува супериорна улога во однос на судството и дека постои притисок врз судиите да одобрат сè што ќе им се побара“.

Објувување на истражувањето, започното во 2014-та, се поклопува со објавувањето на контроверзнaта политичка „#бомбa“ која открива масовно прислушување на новинари, политичари и граѓани. Иако властите негираат дека домашните МВР и УБК се вмешани во прислушувањето, и обвинуваат неименувани странски служби, сепак објавувачот на тие снимки, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вели дека тие се направени од домашната разузнавачка служба.

„Дојдовме до точка каде во борбата со криминалот на 21 век несомнено мора да се употребат методи на 21 век што честопати значи инвазивен пристап до личниот простор и ограничување на нашата приватност“, велат истражувачите.

Во јадрото на прислушувањето во Македонија лежи Законот за следење на комуникациите, усвоен во 2006-та година и подоцна дополнуван неколку пати, во кој се вели дека судот може да одобри следење на комуникациите заради заштита на безбедност и одбрана на државата во одредени случаи. Но, од 2012-та година следењето на комуникации се префрла и на софтверски алатки како Skype, Viber, WhatsApp и други чет алатки кои можат да се следат според усна наредба. Други новини вметнати во законот се продолжување на следењето од 30 дена на четири месеци, и проширување на опсегот на државни институции кои можат да следат комуникации, односно комуникации можат да следат финансиската полиција, јавното обвинителство и царинската управа.

„Сепак, новите одредби кои ги донесоа измените на законот во 2012 год. одредуваат дека може да се следат комуникации врз основа на усна наредба во итни случаи кога постои опасност од предизвикување Надзор на следењето на комуникациите во Македонија ненадоместлива штета на кривичната постапка. Ова звучи премногу неопределено и обезбедува поширока рамка за дејствување на надлежните органи да следат комуникации без писмена наредба на судот“

Друг клучен закон што овозможува следење е Законот за електронските комуникации кој беше изменет во 2014-та година. Со овој закон се обврзуваат операторите да им овозможат на властите да ги следат комуникациите во реално време; но и да чуваат податоци до 12-месеци како список на повици, локација, PIN код, име и адреса на корисникот и други податоци, кои треба да се користат за да се спречат или откријат кривични дела.

Интересно Македонија е потписничка на Европската конвенција за човекови права која бара заштита на приватноста. Македонија како земја што претендира да биде членка на ЕУ треба и да ги прилагоди своите закони според европските, што би значело дека ќе треба да ја почитува тајноста на комуникациите, и како земја-членка треба да „…забрани пресретнување, снимање, складирање или друг вид на следење на комуникациите и податоците од таквиот сообраќај…без дозвола од засегнатите корисници, освен кога се законски овластени да го сторат тоа…“.

Иако во Македонија постојат тела и парламентарни органи кои можат да вршат надзор, сепак „тој надзор не покажал задоволнителни резултати во практика. Низ годините Македонија не покажа напредок во квалитет на надзорот…“.

„Причините за ова може да се бараат во недостатокот на политичка волја, недостатокот на знаење и стручност, како и партиската политика“.

Меѓу препораки од истражувачите, изведени од успешни европски примери, се дека треба да се воведат нови законски рамки што ќе овозможат поголема контрола врз следењето на комуникациите; oбука на вработените во МВР; и да се обезбеди можност да се бараат извештаии и информации од службите, за да се воспостават процедури за крајни рокови за доставање на документи

Целата студија може да ја најдете на сајтот на Analytica.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии