Кога имате потреба да ја намалите светлината на мониторот , можете да го направите тоа диретно преку физичките копчиња на самиот монитор или преку Windows 10, така што ќе кликнете во полето со известувања кое се наоѓа во десниот долен агол од лентата со задачи и го поместувате лизгачот за светлина. Ова се двата стандардни начини каде без проблем можете да ја прилагодите светлината онака како што сакате.
Знаејќи го ова, малку е тешко да се препорача инсталирањето и употребата на BrightnessControl. Оваа релативно нова алатка функционира така што се вдомува како икона во системската лента и секој пат кога ќе кликнете со десен клик на иконата ќе можете процентуално да го изберете намалувањето на светлината на мониторот.
Двете причини поради кои би можеле да ја препорачаме алатката е тоа што можете да наместите автоматски да се стартува секој пат со Windows, како и со еден клик да го исклучите екранот, доколу некогаш би имале потреба за тоа.
Од друга страна, доколку сакате да ги заштитите очите на начин кој е подобар од едноставно намалување на светлата, прочитајте за f.lux, програм кој го преточува синото светло во потопли бои и, со пресликување на внатрешното осветлување, се создава илузија на поприроден сооднос помеѓу очите и екранот. Алтернативно, самиот Windows 10 се одликува со Night Light, слична опција со која подесувате кога, колку и на кој начин да се менува температурата на боите. За да го вклучите, упатете се во Display Settings.







