Најмладата евро-пратеничка и „пиратка“ ќе ja оценува ACTA

Амелија Андерсдотер, 24-годишната евро-пратеничка од шведската Пиратска партија, е дел од Комитетот за индустрија, истражување и енергија кој, заедно со уште три други европски комитети, ќе треба да даде своја оценка за трговскиот договор ACTA кој предизвика протести низ стотина европски градови.

Амелиjа влезе во Европскиот парламент во 2009-та, но чекаше две години за да се ратификува Лисабонскиот договор кој ослободи дополнителни фотељи. Нејзината Пиратска партија, мала шведска партија која ги застапува интернет правата и бара воведување на соодветни дигитални авторски права, успеа да се избори за места во Европскиот парламент благодарение на огромната поддршка од младите швеѓани.

„Европскиот парламент е малку како мешавина меѓу политичка институција и дипломатска институција. Има одредена доза на регионализација, луѓето се поврзани повеќе кон нивните индивидуални земји-членки. Пример, моето искуство со Франција е многу мало – не зборувам француски, и од таа причина не читам француски вести. Тоа значи дека не пратам од тоа што се случува на француската популарна дебата на национално ниво.“, објаснува младата пратеничка во интервју за Owni.eu.

Како член на една од комисиите, нејзината оценка ќе биде дел од финалната препорака на главната Комисија за трговија. Од тука ќе следи средба меѓу Европската комисија и Интернационалниот комитет за трговија за размена на мислења околу ACTA. Интернационалниот комитет ќе ја даде главната препорака дали Парламентот треба да ја одбие или да ја прифати ACTA. Дополнително, на оценките сигурно ќе влијае и онлајн петицијата против трговскиот договор која е потпишана од 2,5 милиони луѓе, и која на 28.02 е предадена на Европскиот парламент.

Според Амелија, многумина се спротиставуваат на контроверзниот трговски договор бидејќи сметаат дека авторските права се премногу нападни врз луѓето.

„Начинот на кој законодавците се справуваат со проблемот со авторските права е многу, многу поразличен од тоа како луѓето се замислуваат себеси кога споделуваат информации и култура. Тие не препознаваат што содржи овој договор.“

Иако 22 земји-членки го потпишаа трговскиот договор, сè уште никоја од земјите не го ратификувала. Многу од нив, вели Амелија, чекаат да видат каква ќе биде одлуката на Европскиот Парламент, додека пак некои земји се решиле да си направат своја анализа на ситуацијата.

Целото интервју со Амелија Андерсдотер може да го прочитате на Owni.eu. Подолу е инфографик за процесот на ратификација на ACTA изработен од Owni.eu и La Quadrature du Net, организација која ги застапува граѓанските права на интернет.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии