Најголемите предизвици за почетокот на училишната година

Никој не кажа дека работите ќе бидат едноставни во време на пандемија, особено во поглед на започнување и водење на образовниот процес. Токму поради тоа разговаравме со наставници од различни училишта за да видиме со какви предизвици се соочија пред и за време на почетокот на училишната година, посебен акцент на онлајн образованието. Сите изнесени податоци никако не ја создаваат вистинската и целосната слика туку се само дел од една значително комплексна ситуација.

Millions of children across Europe return to school with mandatory face  masks

ПРОЛОГ

Двете недели пред почетокот на училишната година беа хаотични за многу наставници. Мал процент од наставниците слушаа тридневна настава за платформата за онлајн учење. Потоа, истите тие наставници требаа да објаснат на останатите од училиштето како да се користи платформата и успешно да се држат часовите. За време на тие две недели, тензичната ситуација се подгреваше од немање доволно време, но и од недостаток на соодветна техника. Стравот дека нема да може да се излезе во пресрет на новиот модерен пристап беше реален и загрижувачки.

Во многу училишта се зборуваше дека е исклучително лесно да се користи платформата, но кога почна да се објаснува за скокање од еден на друг сајт и користење дополнителна апликација, со посебен осврт на календари и серија од алатки„многу лесно за користење“ стана празна фраза која даде предност на море од збунети лица. Постојано се бараше помош од поискусните наставници, па и од членови блиски на семејствата на наставниците. Дополнителен предизвик беше немање доволно компјутери, па многу донесуваа лаптопи од дома. Оние кои немаа лаптопи користеа таблети или телефони. Преку паметните направи, меѓутоа, распоредот на одредени елементи е поразличен, не се вклопуваше со она што беше презентирано преку видеата и предизвикуваше дополнителни фрустрации.

Back to school: Older, vulnerable teachers 'need medical grade masks' | Tes

Почнаа да се купуваат компјутери. На многу семејства им требаат барем два лаптопи. Слушнавме за ситуации каде и мајката и таткото се наставници, а имаат две деца кои треба да започнат настава онлајн. Иако е технички изводливо слушање и држење настава од телефон, сепак е значително подобро од голем монитор и со предноста која доаѓа од користење глувче и тастатура. Но, дури и да имате пари да купите нов компјутер, немате од каде. Тие лаптопи што беа предвидени за економска класа, оние што чинеа околу 12000 денари, а ќе завршеа работа и на наставниците и на учениците ги снема од залиха. Многу продавници како Техномаркет, Сетек, Анхоч испопродадоа сè како да ќе нема утре. Она што остана беа значително поскапи лаптопи. На некои места најевтин лаптоп чинеше 20 000 денари, а на некои над 30 000 денари.

Кога конечно ги добија и учениците податоците за приклучување на платформата, потребно беше класните раководители да се приклучат и да одржат пробен час. Ретко кој успеа да се приклучи и да одржи пробен час. Некои наставници по три пати вртеа на родители закажуваа и презакажуваа сè додека конечно не се откажаа. Платформата никако не можеше да го издржи опреретувањето. Како дополнителен проблем, се инсистираше низ многу училишта во еден ден и во одреден час сите да направат пробен час, дури и оние наставници кои со нивните паралелки држат часови со физичко присуство, а не онлајн. На тој начин, дополнително и непотребно се зголеми бројката на учесници.

Некаде пред самиот почеток, поголем број наставници добија предупредување дека никако не им е дозволено да бараат ученици под 16 години да вклучуваат камера, вест која подоцна излезе дека не е точна. Во меѓувреме, многу родители почнаа да зборуваат како ќе организираат бојкотирање на онлајн наставата и дека на првиот ден ќе ги доведат нивните деца во училиштата, барајќи настава со физичко присуство.

Distance learning: Parents' biggest frustration is math - CNN

ДЕН ЕДЕН

Од она што успеавме да разбереме, првиот ден поминал релативно во ред низ поголемиот дел училишта со наставата со физичко присуство. Втората и третата смена беше првенствено резервирана за онлајн настава, а тука работите беа малку поразлични. Одредени наставници или не можеа да се приклучат од првпат или не успеаја сите ученици да ги соберат. Имаше ученици кои не знаеја како да слушаат настава преку прелистувач, па на своја рака инсталираа дополнителни апликации кои мислеле дека ќе им се потребни. Родители вртеле на наставници и барале преку Facebook да ги водат низ процесот на приклучување.

Некои ученици ги заборавија нивните лозинки. Се ширеше паника за тоа дали ќе може да ја променат лозинката затоа што класните раководители им кажувале дека процесот за враќање лозинка или е премногу комплициран или може да потрае со месеци. Дел од оние што успејале да се приклучат на онлајн час се пожалија на чести технички пречки, замрзнување, сецкање на аудио изворот или прикажување на видеото во многу мала резолуција. Некои ученици сакале да дадат поголем придонес, но или не знаеле како или не сакале да се експонираат преку онлајн платформата.

8 Tips to Help Your Child Focus and Stay Engaged During Distance Learning |  JHU School of Education

Одредени наставници нѝ признаа и дека имало ситуации каде помалото братче или сестриче трчкало и сметало на ученикот или пак се намалувала концентрацијата од некоја друга дополнителна врева. Дел од ученици не вклучиле камера, објаснувајќи дека не им работи или дека немаат, со што наставниците не можеле да добиваат визуелна повратна информација за вниманието на таквите ученици. Слушнавме и за ситуации каде одредени ученици, па дури и наставници целосно одбивале да започнат онлајн настава. Како објаснување нуделе техничка неспремност и немање соодветни средства, а барале поддршка и од родителите. Други наставници се револтирани што, поради делење на една паралелка на две, значително им зголемува бројот на часови и станува исцрпувачки да се издржи предизвикот.

Од друга страна, одредена група наставници и ученици нѝ кажаа дека се рамнодушни на сево ова и се во ред за каква било настава. Други, пак, ја прифатија промената со широки раце и, иако не се имуни на предизвиците, радосно признаа дека им се допаднал овој начин на предавање и дека нуди значително поголема флексибилност и интерактивност.

Teaching online: what hardware and software do you need? - Oxford TEFL

ЕПИЛОГ

Според официјалните податоци 70% од учениците учествувале на онлајн наставата, додека 98% учествувале во настава со физичко присуство. Излегува дека скоро една третина од учениците кои требале да ја започнат новата училишна година, всушност не ја започнале, независно од причината. МОН се изјасни дека 20% од учениците пријавиле проблеми во најголем дел со опремата со која располагаат училиштата, интернетот, или опремата на учениците.

Во меѓувреме, бојкоти на онлајн наставата се имплементирани од страна на родители и средношколци за одредени училишта низ Струга, Дебар, Куманово и Тетово. Основци ја бојкотираат наставата во Македонска Каменица и Вевчани. Како најдрастичен пример се истакнува гимназијата во Дебар која иако треба да држи онлајн настава, во петок држеше настава со физичко присуство и изјасни дека така ќе продолжи и од понеделник. Само времето ќе покаже што ќе произлезе од сево ова и како ќе се одвива понатамошната ситуација.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии