Најголемиот светски снабдувач на месо жртва на сајбер-напад

По се изгледа ниту една индустрија, не е отпорна и безбедна од хакерски напади. Оваа недела ова го дозна најголемиот светски снабдувач со месо компанијата JBS. Поради сајбер-напад оваа недела беа затворени постројки за обработка на говедско месо во САД, Канада и Австралија. Ова ја спречи работата во десетина кланици и фабрики за пакување на месото. Привремениот застој зафати илјадници вработени во постројките на JBS.

Нападот е откриен на 30 мај и компанијата веднаш ги суспендирала зафатените системи и ги известиле надлежните за проблемот. Добра вест е дека JBS има бекап сервери кои не се зафатени со овој напад.

Осомничени за нападите се руски хакери, но засега нема никаква потврда за ова. Сепак Белата куќа откри дека нападот е „Ransomware“, а зад нив се членови на хакерска организација позната под имињата REvil и Sodinokibi.

„JBS не извести дека барањата за откуп доаѓаат од криминална организација која веројатно е лоцирана во Русија.

Белата куќа разговара директно со властите во Русија за ова и ќе ја пренесеме пораката дека одговорни држави не нудат прибежиште на онлајн криминалци кои бараат откуп“, вели портпаролот на Белата куќа, Карин Жан-Пјер.

Ransomware е вид на напад во кој напаѓачот откако ќе се здобие со контрола на системите ги криптира податоците и ги прави непристапни за компаниите. Потоа бараат откуп за да ги отклучат фајловите. Сепак поради природата на криптирањето и начинот на кој работи овој малициозен софтвер дел од податоците не може да се вратат назад. Дополнително ако жртвите не го платат откупот нивните податоци можат да бидат понудени и на продажба. Исплатата најчесто е во дигитална крипто валута која не може да се следи.

JBS е најголем светски снабдувач со месо и од нивните постројки излегува 25 отсто од месото кое се продава во САД и 20 отсто од месото кое се продава во Австралија. Само во Австралија во постројките на JBS работат 11 000 луѓе. Дури и мал застој на работата веројатно ќе има влијание во снабдувањето со месо во целиот свет. Очекувањата се дека од овој напад најпогодени ќе бидат корисниците како McDonald’s кои се на крајот на ланецот на достава.

Напаѓачите откако дошле до системите на JBS, побарале откуп за да ја вратат контролата на мрежата назад. Сепак, бекапите не беа зафатени со нападот, па компанијата можеше релативно брзо да продолжи со нормална работа. Нападот можеше да биде и со поголеми последици, но благодарение на брзата реакција и исклучување на зафатените системи, ширењето низ мрежата беше ограничено.

Кланиците и обработката на месо секако не се едни од најмодерните индустрии, но и кај нив е се неопходни ИТ-системите. Компаниите мора да ги користат за наплати, како и за следење на испораките. Како последица на нападот намален е и бројот на крави кои се колат во кланиците во САД, но полека бројот се враќа назад како во деновите пред нападот.

Интересно целата ситуација отвори интересни прашања и може да донесе повеќе проблеми за жртвите на овој напад. Доминацијата која ја имаат четири кланици и фабрики за обработка на месо во САД придонесе конгресмени да побараат реформи кои ќе овозможат конкурентен и отворен пазар за фабриките за обработка и пакување на месо.

Она што веројатно е најголемо и најпријатно изненадување во овој напад е подготвеноста на компанијата. ИТ-одделот на JBS веднаш ги исклучи зафатените сервери и ги извести агенциите за нападот. Благодарение на тоа, и на постоењето на бекапи проблемите се значително помали отколку што можеа да бидат.

За тоа колку полошо можеше да биде имавме одличен пример минатиот месец. Гасоводот на Colonial Pipeline по сајбер-напад изгуби контрола врз критичната инфраструктура. Должината на гасоводот е 8854 километри и поминува низ десетина американски држави од Њу Џерси до Тексас. На крај Colonial Pipeline не беше подготвен за нападот и на мораше на напаѓачите да им исплати 4,4 милиони долари.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии