Најголемиот производител на PC-ја сега продава повеќе телефони од лаптопи

Lenovo, најголемиот светски производител на PC-ја, полека се претвара и во мобилна компанија која сака да го освои глобалниот пазар на телефони. Кинескиот производител во вториот квартал за прв пат испорача повеќе паметни телефони, 15,8 милиони парчиња, од лаптопи, 14,5 милиони. Според Lenovo, продажбата на телефони се дуплирала во последните месеци, а зголемена и продажбата на таблет компјутер на 1,5 милиони парчиња.

Lenovo, кој во 2005-та година го купи PC бизнисот на IBM за да стане најголемиот производител на лаптопи, вели дека зголемената продажба на паметните телефони се должи на корисниците кои сега купуваат повеќе мејнстрим телефони, наместо high-end премиум уреди кои ги продаваат Apple и Samsung. Пазарот е заситен од iPhone и Galaxy уреди, па корисници се заинтересирани за поевтини алтернативи, што им дозволува на кинеските производители предводени од Lenovo, Huawei и ZTE да имаат поголеми продажби, велат преставници од Lenovo за New York Times. Lenovo се надева дека таа заситеност од премиум уреди ја има и на глобалниот пазар, па со помош на Motorola, која Lenovo ја купи oд Google за 2,9 милијарди долари, ќе има шанса да биде поконкурентен и надвор од Кина. Lenovo е број еден производел на телефон на домашниот кинески пазар, на кој испорачува дури 80 отсто од своите паметни уреди, но е зад другите играчи на глобалниот пазар на телефони.

Што се однесува до PC бизнисот, тој сè уште е од огромна важност за компанијата. Дури 78 отсто од приходите доаѓаат од продажбата на лаптопи и ноутбукови, која е зголемена за 15 отсто на годишно ниво. Компанијата има направено профит од 214 милиони само последниот квартал, или 10,4 милијарди долари годишно.