Најголеми проблеми со апликацијата MojDDV

Недела дена како функционира MojDDV, апликација за паметен телeфон со Android оперативен систем, која ви дозволува да скенирате фискални сметки, за да добиете право на 15 % поврат од ДДВ. Од 1 јули, апликацијата е симната над 60 000 пати, а се скенирани над пола милион сметки. Иако апликацијата делува исклучително професионално, не е сè баш онака како што би требало да биде.

Проблеми во апликацијата

За краткиот период од нејзиното постоење, апликацијата MojDDV е оценета од 265 корисници и се одликува со просечна оценка од 3 ѕвездички (од максимум 5). Некои од коментарите се исклучително конструктивни и посочуваат на најразлични проблеми, некои од нив се целосно неосновани и кријат друга позадина. Општата слика е тоа дека корисниците имаат најмногу проблеми при скенирање на фискалните сметки. Имено, доколку фискалната сметка е лошо отпечатена, односно има тенки бели линии низ кодот, или пак целиот код е блед, тогаш скенирањето е отежнато, во повеќето ситуации – невозможно. Тимот зад апликацијата го имаше ова да го каже:

„Доколку сметката има повеќе од 10% оштетување, апликацијата не може да ја прочита. Ако баркодот не може да се прочита таа сметка може да се внесе преку рачен (службен) внес во УЈП.“

На нашиот и на неколку други коментари за проблематиката и дека треба да постои опција за рачно внесување на сметките, го добивме следниот одговор:

„Опцијата за рачен внес од секој корисник отвара премногу можности за злоупотреби. Ако сметката е бледа, во поголем дел од случаите станува збор за неквалитетна хартија, ако има вертикални бели линии, станува збор за нечиста или неисправна глава на термичкиот печатар.“

Одредени корисници не можат да скенираат сметки независно од нивниот квалитет. За таквото нешто се претпоставува дека самиот телефон нема опција за автофокус, што е клучно за скенирањето, или пак апликацијата не е компатибилна со телефонот.

И директорката на УЈП Сања Лукаревска имаше да што да каже за проблематиката:

„Се жалеа граѓаните дека баркодот не е видлив и системот не може да го прочита, па откривме дека е до фискалните апарати кои навремено треба да се сервисираат. Затоа упатуваме јавен апел сите ДДВ обврзници да имаат исправни фискални апарати, но граѓаните не треба да се нервираат ако не може да ја скенираат сметката преку мобилен телефон, тоа ќе може да го направат на киосците со барчитачи. Ако и таму не можно, службеник од УЈП ќе му помогне и рачно ќе го внесе баркодот.“

Мој ДДВ функционира само на Android направи. Сега за сега, корисниците кои имаат Apple направа, сè со празни раце.

„Не е проблемот до УЈП. До App Store е испратено барање уште на 25 мај, но тие имаат порестриктивна процедура на проверка и затоа од ајфоните не може да се симне апликацијата.Тие рестриктивни политики го одложија процесот. Но, очекуваме процедурите наскоро да завршат и тврдам дека не е можно да не одбијат, затоа што целата документација што ја побараа е уредно испратена. До тогаш корисниците на ајфони, може да ги користат баркод читачите на УЈП, а доколку има некои дилеми или проблем, целосно им стоиме на располагање“, објасни директорката Сања Лукаревска.

На сите оние кои ќе пробаат да манипулираат со апликацијата и бидат фатени, им се заканува глоба од 250 евра.

Која е цената на ова?

Управата за јавни приходи објасни дека за поврат од 600 денари, на месечно ниво, едно лице треба да оствари промет од 26.600 денари, по услов сите тие сметки да се со 18% ДДВ.

Првата исплата на парите од ДДВ граѓаните може да ја очекуваат во декември – за месеците јули, август и септември. Исплатата ќе се врши квартално и едно лице може да поврати максимум 1.800 денари за три месеци.

3 коментари на “Најголеми проблеми со апликацијата MojDDV

  1. Апликацијата може да се користи и на десктоп, доколку се инсталира емулатор за андроид оперативниот систем (или евентуално iOS оперативниот систем), како на пример Bluestacks 4 studio (ова јас го тестирав и работи). Покрај тоа треба да имате и обична веб камера за да може да ги скенирате сметките, нормално камерата треба да ви поставена како примарна или дефаултна (доколку) имате други камери на компјтерот.

  2. > сè со празни раце.
    Надредниот знак е погрешно употребен – треба да биде „се со празни раце“.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии