Стратегиите се видеоигри кои бараат од играчот стратешко, тактичко, па дури и логичко размислување кое често е проширено со економски предизвици, односно истражување. Самиот жанр додатно се расчленува на turn-based (стратешко влијание со запазување редови, како кај шах), или real-time каде, за разлика од turn-based, времето ниту замрзнува ниту пак се почитуваат редовите. Додатно, стратегиите би можеле да се разликуваат и во тоа дали е можно градење база, а со тоа и развивање економија, или пак целосно посветување на милитаристичкиот режим и инстантни пресметки со единиците.

Почетоците на стратешките игри датираат уште од далечната 1972 година, кога излезе Invasion – дигитално остварување на играта на табла Risk. Во 1980 година, излезе првата историска војна игра, Computer Bismarck, а во 1983 се појави и една од првите 4X стратегии која, за тогашниот период, на одличен начин ги имплементира концептите за истражување, проширување, експлоатирање и истребување (eXplore, eXpand, eXploit, и eXterminate). Во 1984 година, меѓутоа, жанрот привлекува уште поголемо внимание, благодарејќи на играта The Lords of Midnight, која ги освојува престижните награди за најдобра авантуристичка игра (на Crash magazine) и за најдобра стратегија на годината (на Golden Joystick Awards). Со излегувањето на Dune II, во 1992, по прв пат произлегува кованицата на описот Real-time Strategy, а во 1997 година, Age of Empires, а подоцна и  Total War серијалот (2000 година), доживуваат невидена слава и го издигнуваат жанрот на сосема ново рамниште се додека во 2002 година не надвладее лудилото познато како Warcraft III.

XCOM 2 – 5 февруари, 2016

Од мајсторите Firaxis Games ни доаѓа вториот продолжеток од епската сага против вонземните окупатори. XCOM 2 се одвива дваесет години по настаните од XCOM: Enemy Unknown, со пет класи на војници, нови гејмплеј системи за подобра борбена флексибилност и предизвикувачки непријатели. Она што се остава на вас и вашите XCOM сили е да најдете начин да се обединете, да ја разоткриете немилата вистина зад окупацијата на планетата Земја и да ги елиминирате вонземните закани еднаш засекогаш!

Со максимум 100 поени, AusGamers објаснуваат дека XCOM 2 e одличен продолжеток и феноменална игра која се наметнува како задолжителна лектира за сите фанови на (стратешки) игри. New York Daily News се импресионирани од поголемиот предизвик кој се испорачува со играта, а Guardian признава дека играта е совршен пример за тоа како треба да изгледа секој продолжеток. PC Gamer никако не се разочаруваат од неверојатно тешкото, но исклучително богатото искуство и ветуваат дека вечно ќе ја играат играта, а во слична ситуација се наоѓаат и IGN, според кои играта се карактеризира со одлични тактички борби, непредвидливи мапи и цели и опрема по случаен избор.

Stellaris – 9 мај

Stellaris е 4X стратегија од епски пропорции која ви дозволува да ги истражувате пространите вселенски простори, но и да управувате со империја. Притоа, потребно е да запазувате дипломатски и воени тактики за да издвоите победа врз останатите цивилизации. Впишете го вашето име низ космосот и остварете ги целите преку сурови војни или по мирен дипломатски пат.

IGN Italia смета дека Stellaris отвора сосема нова перспектива за галактички владеења и, со самото тоа, поставува нови цели за сите идни стратегии. PC Games ја нарекува играта како Europa Universalis во вселена, а GameSpew гледаат на Stellaris како на експертско-составен мозаик од 4X, епска стратегија и приказна кое се крои по сопствен терк. Во групата од задоволни рецензенти се приклучуваат и PCWorld кои не се сомневаат дека со додатни проширувања, играта би ја достигнала истата комплексност и забавен фактор како и Crusader Kings II.

Total War: WARHAMMER – 24 мај

Total War серијалот е хибрид од turn-based и real-time стратешки елементи и ви дозволува да управувате со градови и армии низ целиот Warhammer универзум и раси како џуџиња, луѓе, орки, гоблини и немртви суштества. Или на кратко, најдоброто од игрите како Empire, Rome II, и Attila, но во опкружување на епска фантазија.

Total War: WARHAMMER се поставува како комбинација од стар класик и нови идеи (Level) чиј резултат е борбен циркус од светот на фантазијата (IGN Italia), со висока продукциска вредност (Gamer.nl) и харизматични, предизвикувачки и интригантни стратешки елементи (GamerRadar+). IGN само се надоврзува со пофални зборови за возбудливи идеи, впечатливи ликови и неодоливи единици и индивидуални механики на фракциите. MMORPG.com додава дека има за секого по нешто во играта, независно дали сте фан на претходните TW серијали или пак на Warhammer универзумот и дека играта навистина е најдоброто од двата света.

Hearts of Iron IV – 6 јуни

Hearts of Iron IV, како директен наследник на тројката, целосно се посветува на Втората светска војна и ви дозволува да контролирате која било нација од светот и да ги одведете вашите поданици до ултимативната победа низ трнлив пат од заговори, дипломатија и крвави битки. Покрај комплексен систем за технологија, имате на располагање широк спектар на бројни политички потези, како и длабока распределба на борбени единици кои се автентични за тогашниот период.

Се работи за игра која жонглира управување со армии, морнарици и воздушни сили заедно со потребата за ресурси и индустрија (Gamer.no) и екстремно високо ниво на автентичност и вештачка интелигенција (WCCFtech), сѐ со цел да го понуди најдоброто можно искуство, директно од вашата фотелја (Game Debate). Hearts of Iron IV, велат SpazioGames, научиле сѐ што требало да се научи од претходните игри и сега ја испорачуваат една од најдобрите воени игри кои се сместени во Втората светска војна.

Cossacks 3 – 20 септември

Cossacks 3 е, всушност римејк на класикот од 2001 година и, како таков, уште еднаш е сместен во Европа од 17, односно 18 век. Фановите на серијалот пријатно ќе бидат изненадени од враќањето на истите 12 нации, 70 видови единици, 100 технологии и над 140 историски објекти. Низ пет кампањи за еден играч ќе се потсетите за неодоливата магија на овој серијал и ќе учествувате во битки кои можат да прикажат и до 16.000 војници од еднаш!

За разлика од останатите стратегии од листава, Cossacks 3 можеби се наметнува како послабо решение за исполнување на сонови за стратешко владеење, но поголемиот број од рецензентите имаа генерално позитивно мислење. IGN Spain се изјасни дека римејкот е доказ за тоа дека стари игри пак можат да бидат забавни, а Gamer.nl признава дека играта е добра стратегија со многу забавни карактеристики и одлична музичка подлога.

Civilization VI – 21 октомври

Civilization VI е 4Х стратегија, но со запазување редови (turn based) и, како шеста главна игра во надалеку познатиот серијал, стратегијата е исклучително длабоко и комплексно остварување каде развивате цивилизација од раните почетоци, па сѐ додека не прераснете во светска сила преку воени окупации, технолошка или дипломатска супериорност. Одлична игра за сите љубители на истражување, основање градови, градење структури/ светски чуда, поставување војни сили, напаѓање и бранење, како и истражување технологии или ширење религија.

Со уште поголема слобода, персонализација, комплексност и значајни избори, LevelUp смета дека Civilization VI e подеднакво забавна како и нејзините претходници и вистинско ремек дело кое не само што се одликува со бројни елементи во гејмплејот (IGN), туку и нуди комплекси и длабоки можности за бесконечно преигрување (DarkStation). Riot Pixels сметаат дека системот за дипломатија и корисничкиот интерфејс би можеле да бидат подобри, а games упатуваат забелешки до слабата вештачка интелигенција, но сите се сложуваат дека тоа никако не го загрозува целокупното искуство кое зрачи со огромни потенцијали и дава ново значење на изреката: Уште само пет минути.

Тоа беа нашите најдобри стратегии за 2016 година, а кога сме кај најдоброто од најдоброто, прочитајте и за:

1 коментар на “Најдобрите стратегии за 2016 година

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии