Најдобрите RPG игри за 2016 година

Мартин Јованчевски

во гејминг

RPG или Role-playing game e игра каде акцентот е на ликовите и приказната, а одлуките кои ги донесувате директно влијаат на останатите ликови и светот. Корените на RPG игрите потекнуваат уште од средината на 1970 година, а се директно инспирирани од pen-and-paper игрите како Dungeons & Dragons. Во 1981 година, Ричард Гариот го освои светот со неговата игра Ultima и, во комбинација со Wizardry, се поставија темелите за игрите како Dragon Quest и Final Fantasy. Со овие два наслови доаѓа суптилна поделба на жанрот, односно на источни и западни RPG игри.

Во средината на деведесеттите години интересот на RPG игрите додатно се распалува со воведување мрежно играње, но и посвета на акциони елементи, како кај познатиот серијал Diablo. Издавачите Bethesda, со нивниот Fallout и The Elder Scrolls серијал, придонесоа до тектонски пораст во интересот за овој жанр, a истото би можеле да го кажеме и за Bioware и култната Star Wars: The Old Republic, но и Dragon Age, односно Mass Effect серијалот.

#1 Dragon’s Dogma: Dark Arisen –  15 јануари

Феноменална игра која отвора преубав и крајно мистериозен свет каде вие сте ултимативната сила потпомогната од пиони. Twinfinite ја нарече дефинитивна едиција за една одлична RPG авантура, а DarkStation инсистира дека треба да се проба од сите RPG гурмани. Forbes беше повеќе од импресиониран со огромната слобода при уредување на ликот, борбата и брилијантниот завршеток, а IGN Italia се колне дека се работи за достојна алтернатива на The Witcher 3 или Dark Souls. Иако портот за PC не воведува премногу нови елементи, PC Gamer признава дека сепак се работи за уникатен RPG наслов.


#2 Grim Dawn – 25 февруари

Од креативните умови зад кои стои култната Titan Quest, ни доаѓа исклучително квалитетна и длабока акциона RPG игра која слободно може да им се спротивстави, па дури и да ги засени гигантите како Diablo III и Path of Exile. Со средна оценка од 89 поени, за Grim Dawn се шепоти дека е екстремно забавна hack and slash игра (PC Powerplay), која комбинира одлична акција за еден или повеќе играчи (IGN), со изобилство од опции да изградите незапирлив демонски херој (Pelit). Vandal Online не можат да се заситат од непресушната содржина и длабочината на гејмплејот, а многу фанови преку Steam сметаат дека Grim Dawn е сѐ она што требало Diablo III да биде.


#3 Stardew Valley – 26 февруари

Stardew Valley e симпатична инди игра каде водите фармерски живот и одлучувате дали да го посветите времето на градинарство, сточарство или пак негување пријателства со останатите ликови. Што и да правите, шансите да бидете вовлечени во неодоливиот гејмплеј и шармантната ретро графика се исклучително високи. До таа мера, да играта има извлечено оценка од 88 поени на Metacritic, а 99% од рецензиите на Steam се позитивни! The Escapist гледа на играта како на шармантен, мал драгоцен камен кој ви дозволува да заборавите на вашите грижи и да се релаксирате на фарма. Destructoid се сигурни дека штом еднаш навлезете во играта никогаш нема да сакате да заминете, а Polygon објаснува дека ниедна друга игра не може толку вешто да ја истражува вашата поврзаност со околината, работата и луѓето кои ве опкружуваат.


#4 Dark Souls III – 12 април

Третиот продолжеток за омилениот серијал на мазохистите е најдоброто техничко достигнување кое е произлезено од креативните умови на FromSoftware (GameOver.gr) и е, ако може да им се верува на IGN Denmark, најдобрата акциона RPG игра од последните години. Game Informer се подеднакво импресионирани и ја прикажуваат DSIII како волшебна комбинација од маестрални битки со босови, неверојатни околини преполни со тајни и прецизен борбен систем кој ги надминува сите останати игри. Worth Playing само се надоврзува на кажаното и признава дека играта е достоен завршеток и љубовно писмо за серијалот.


#5 The Witcher 3: Blood & Wine – 30 мај

Можеби се работи за експанзија, но, со огромната живописна околина и навидум неисцрпното количество впечатливи квестови, Blood & Wine се наметнува како многу повеќе од едно проширување и едноставно не можевме да не ја вметнеме во листата. Со импресивни 92 поени, рецензентите нема од што да не се задоволни, а истото би можело да се заклучи и од 98% позитивни рецензии на Steam, чиј висок процент, со исклучок на Stardrew Vallen, е ретко видено нешто на платформата на Valve. LevelUp го нарекува продолжетокот како исклучителен заклучок за легендарната сага, а Game Revolution ја претставува како вистинско богатство и неверојатна почит кон целиот серијал и легијата фанови.


#6 The Banner Saga 2 – 1 јули

Како инди игра од поголем број Bioware развивачи, The Banner Saga 2 успева да ве потопи во неверојатен свет со волшебна приказна која е моќна, тажна и исклучително длабока (Official Xbox Magazine UK). Eurogamer Italy има само пофални зборови за графиката и скоро совршениот гејмплеј, а GamingTrend објаснува дека борбениот систем е значително надграден, а приказната е длабока и полна со пријатни изненадувања. Играта има 84 metascore оценка, но 91% позитивни рецензии на Steam, што е доволен показател дека се работи за неверојатно квалитетно RPG остварување.


#7 Deus Ex: Mankind Divided – 23 август

По хитот од 2011-та година, Eidos Montréal ги награди фановите со продолжение на авантурите на Адам Џенсен, две години по настаните од оригиналната игра. Се работи за дело кое меша прикрадување, акција, хакирање, имресивна графика и одлично сценарио (Hobby Consolas) во една од најдобрите серијали од сите времиња (GameWatcher) и се издигнува над сите сајберпанк RPG игри (MMORPG.org). Дополнително, Game Informer, како и Game Star, сметаат дека се работи за убава, паметно осмислена игра, сместена во преубав футуристички град, но со приказна која не може да стои на истото рамниште.


#8 Divinity: Original Sin 2 – 15 септември (ран пристап)

Играта сѐ уште е во ран пристап, но дури и во таква состојба Divinity: Original Sin 2 е премногу добра за да не биде достоен кандидат за RPG игра на годината. Larian Studious ги ангажира услугите на познатиот писател Chris Avellone (Fallout: New Vegas, KOTOR 2), а покрај впечатлива приказна имаме на располагање и свет кој е поголем, понелинеарен и поубав од кога било. Освен соло играње имате на располагање и ко-оп за четири играчи, како и сосема нов мрежен мод од натпреварувачки карактер. 96% од рецензиите на Steam се позитивни, а PC Gamer ја претставува како импресивен продолжеток на и онака импресивна игра. RockPaperShotgun, пак, се убедени дека двојката го надградува секој можен аспект од оригиналот.


#9 Tyranny – 10 ноември

Во Tyranny, епската војна помеѓу доброто и злото е завршена, а злобната армија на Кајрос има издвоено победа. Одлуката на кој начин ќе дозволите злото да пушти корени се остава на вас и низ долга кампања драстично го менувате светот околу вас (GameStar). Ова е најдобрата западна RPG игра (Gameblog.fr) која обработува сосема нов концепт на злото (Guardian) и изобилува со можности за преигрување кои не само што се интересни туку и се интелектуално предизвикувачки (Game Debate). Според многумина, играта е значително пократка од нивното чедо Pillars of Eternity, но таквото нешто се надополнува со бројни расчленувања во екстремно комплексната приказна.


#10 Final Fantasy XV – 29 ноември

По деценија чекање, Final Fantasy XV конечно ви дозволува да избегате од пламените на војната и да се вовлечете во ново, епско патување кое го предизвикува модерниот дизајн и традиционалното раскажување приказна (CGMagazine) сè со цел да понуди огромно, емоционално искуство низ незаборавен гејмплеј (Lazygamer). Или, со зборовите на InsideGamer.nl, Final Fantasy XV прави многу работи да се поразлични и на вас се остава да ги сакате или мразите. Конан Обрајан можеби е еден од оние кои беа помалку импресионирани од играта, но MMORPG.com никако не можат да ја игнорираат присутноста на магијата од серијалот и успеаја емоционално да се поврзат на ист начин како со претходните FF игри. Trusted Reviews се свесни за одредени проблеми, како тие со поставеноста на камерата, недостаток на солиден систем за магии и сочувување напредок, но и покрај сево ова сметаат дека борбите се акционо и тактичко блаженство кое само се надополнува со огромниот свет и можностите за негово истражување.

Која е вашата RPG игра на годината? Која се осмеливме да прескокнеме?

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии