Најдобрите и најочекувани игри во месец октомври

Новиот месец е пред нас, а со тоа се ближи и крајот на исчекувањето на најдобрите игри најавени за октомври. Независно дали сте по стратегии, RPG игри или вртоглава акција, го одбравме најдоброто од најдоброто. Ова се нашите најочекувани игри за месец октомври!

Mafia III – 7 октомври (PlayStation 4, Windows PC и Xbox One)

Третата и долго очекуваната игра од надалеку познатиот серијал ве става во улога на Линколн Клеј и тоа во доцните шеесетти и на територија на New Bordeaux. Во поглед на гејмплејот очекувајте виулица од куршуми, но и паметен систем на криење зад пречки. За полични пресметки, пак, можете тивко да се прикрадувате и да елиминирате од близина со или без ладни оружја. Локациите кои се контролирани од вашите ривали, односно италијанската мафија, ќе можат да бидат нападнати, преземени, а подоцна и контролирани од ваши поручници. Одредени лица кои ќе ги победите во таквите пресметки, ќе можете да ги испрашувате за да добиете повеќе информации кои ќе ви помогнат во проширување на влијанието на вашето семејство. Играта, патем, сѐ уште не е излезена, а веќе има разработено детален план за исфрлање DLC-a!

Gears of War 4 – 11 октомври (Windows PC и Xbox One)

Развивачите The Coalition ги имаат задржано поголемиот број од гејмплеј елементите кои одлично функционираа со претходните наслови. Па така, целокупната игра изгледа повеќе како природна, но суптилна еволуција. Серијалот е освежен и со неколку интересни новитети како нож за полични ликвидирања од близина и кратко затрчување па удирање на непријателите со рамето. Слично на ова, вештачката интелигенција е додатно разработена и непријателите користат групни тактики на покривање и приближување. Од клучна важност ќе биде да не им дозволите да ви се приближат затоа што и тие нема да се колебаат да ве зграпчат и немилосрдно да ве ликвидираат. На располагање имате и креативно-осмислени оружја чија ефикасност ќе биде под влијание на временските услови.

Shadow Warrior 2 – 13 октомври (Windows PC)

Играта која ја освои публиката со откачениот хумор и експлозивната акција во прво лице конечно ќе го добие својот наследник. Shadow Warrior 2 е надградба во секој можен поглед, но во ниеден момент нема да сте принудени да уживате сами. Двојката се одликува и со ко-оп режим на играње за до четири играчи каде секој од играчите ја доживува приказната како Ло Венг, а ги гледа останатите играчи како анонимни нинџи. За разлика од линеарните мапи во првенецот, двојката има на располагање поотворени и помалку линеарни пристапи низ мапата, не исклучувајќи го искачувањето по ѕидови и двојното скокање. Интересно е тоа што сите мисии, освен оние кои се поврзани со приказната, ќе бидат осмислени на мапи кои се генерираат по случаен избор. Па така, секое преигрување ќе понуди различна локација на непријателите во различни структури и на различен терен и временски услови. Shadow Warrior ќе ви дозволи да сеете хаос и касапите екстремитети со над 70 различни оружја кои, за возврат, ќе можат да се надградуваат во помоќни алтернативи!

Battlefield 1 – 21 октомври (PlayStation 4, Windows PC и Xbox One)

Што уште не кажавме за потенцијалниот убиец на Call of Duty? Battlefield 1 изгледа преубаво како во мрежниот дел така и во делот за еден играч. Хардверските побарувања можеби се поголеми од очекуваните, но не дозволувајте тоа да ве спречи во уживањето на една од нај очекуваните игри за 2016-та година. Официјалниот трејлер за еден играч можете да го погледнете од нашите најнови гејминг вести, а доколку сте желни за дванаесет минутно продолжение, не пропуштајте го долниот видео материјал!

Civilization VI – 21 октомври (Windows PC)

Sid Meier’s Civilization: Beyond Earth не успеа да ја задоволи легијата фанови кои гледаа на играта како упростена и модирана верзија на петката. Civilization VI ги отстранува таквите сомнежи со детални и константни известувања за длабокиот гејмплеј кој ќе не очекува во шестката. Имено, основната игра ќе се одликува со многубројните елементи кои беа воведени во петката, а особено во последователните проширувања. Градот ќе може „органски“ да се проширува низ теренот кој, пак, ќе дава различни бонуси во зависност од поставените и надградените структури. Истражувањата на технолошкото дрво ќе зависат не само од природата на теренот туку и од надградби во културата. Долното видео има за цел да ви покаже како ќе функционира борбениот систем и развивањето на градовите.

Dark Souls 3: Ashes of Ariandel – 25 октомври (PlayStation 4, Windows PC и Xbox One)

Со најновото проширување за Dark Souls 3 ќе можете да отпатувате во снежниот свет Ariandel и да истражувате нови области, но и да се соочувате со нови непријатели и босови. На располагање имате и нови оружја, оклопи и магии. Во ситуации кога ќе умрете по стоти пат и кога нема да можете да му одолеете на бесот кој со часови се таложел на дното на вашата потсвест не заборавајте дека тоа е добра работа и дека токму во тоа лежи мрачната убавина на секоја Dark Souls игра.

Titanfall 2 – 28 октомври (PlayStation 4, Windows PC и Xbox One)

За разлика од првата игра, Titanfall 2 ќе се одликува со чистокрвна кампања за еден играч. Оние кои не се заинтересирани за такво нешто ќе бидат израдувани од веста дека мрежниот дел делува уште подобар од единицата и може да се пофали со шест различни титани како и феноменален систем на отклучување и надградба на вашите титани, оружја и опрема.

The Elder Scrolls V: Skyrim — Special Edition – 28 октомври (PlayStation 4, Windows PC и Xbox One)

Една од најдобрите RPG игри конечно ќе добие графичко освежување кое се години се чекаше од фановите, особено од сопствениците на конзоли. За жал, играта нема да има поддршка за модови за PS3 верзијата, но сопствениците на PC верзијата и трите последователни додатоци ја добиваат надградбата за 0 денари. Во случај да сакате да дадете нов живот за Skyrim и додатно да ги продолжите авантурите, дефинитивно инсталирајте го и Enderal модот!

Тоа беше нашата листа, а доколку пропуштивме некоја интересна игра дефинитивно споделете ја со нас! Пријатно исчекување! :)

1 коментар на “Најдобрите и најочекувани игри во месец октомври

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии