Сите презентации ќе бидат снимани и истите ќе бидат достапни после настанот. За заинтересираните кои нема да можат да присуствуваат, ќе има стрим во живо, за жолтата и црвената сала. Атмосферата ќе можат да ја следат преку Facebook профилот на групата и Twitter тагот #mkcodecamp.

Подолу е кратко интервју со организаторите на CodeCamp, поконкретно со Дејан Димитровски од македонската .НЕТ заедница на програмери.

Што може да се очекува на Code Camp 2010?

Code Camp всушност е конференција на која сакаме да ги донесеме сите .NET и Microsoft ориентирани луѓе на едно место со една заедничка цел: можност за размена на знаења, информации и остварување на контакти. Македонската .NET корисничка група, која се јавува како организатор на овој настан, користејќи ги своите членства и релации со светски познатите здруженија и производители ја продолжува по втор пат оваа пракса во нашата држава. Директната подршката од локалната Microsoft канцеларија, како и одличната соработка со светската канцеларија на INETA (интернационална асоцијација на .NET здруженија) се еден од предусловите за нашиот успех. Од друга страна и интересот на светски познатите компании да се појават како спонзори го збогатуваат овој настан значително: Telerik, RedGate, Pluralsight, JetBrains, O’Railly, ComponentOne, CodeSmith Tools!

Од досегашното искуство, а и од досегашните регистрации, можеме да заклучиме дека настанот е прифатен со огромен интерес. За тоа зборува фактот дека досега имаме преку 650 регистрирани присутни, од студенти до професионалци, како и отворени канали за комуникација преку социјалните медиуми (Twitter, Facebook, LinkedIn) на кој постојано добиваме пофалби, честитки и позитивни најави за настанот. Едно е сигурно, сите се пријавуваат со цел интензивно да го збогатат своето знаење и искуство проследено со одлично дружење но истовремено и технички стимулирано. И сето тоа на бесплатен настан!

Кога велите програмерска заедница, дали има соработка меѓу програмерите и каква е таа соработка? Дали има примери за позитивни искуства?

Соработката помеѓу нашите членови ја стимулираме на разни начини. Една од нив е нашиот он-лајн портал http://mkdot.net на кој истите можат да ги изразат своите технички ставови преку блогови и форум активности. Но со оглед на тоа нашата индустрија е брзо движечка и често пати има и повод и причина да се демонстрираат одредени остварувања, секоја прва среда во месецот организираме месечни средби на кои се презентираат и демонстрираат одредени новини и искуствени сознанија во технологијата. Во просек, една средба ја посетуваат повеќе од 50-тина членови, а оваа пракса трае веќе втора година. Исто така групата учествува во организација и подржување на сите локални, регионални но и светски познати настани. Пример за тоа е локалната конференција Визија, каде што се јавуваме како директни поддржувачи за т.н. девелоперски трек, организацијата на присуство на регионалните конференции (DevReach, Sinergija) со обезбедени попусти но и простор за учество како предавач. Групата за првпат учествуваше во промоција и на неколку познати светски натпревари, на која можеме да се пофалиме дека добиваме и одлични резултати, пример за тоа е European Silvelight Challenge натпреварот од пред некоја година на која наш член го освои првото место. Во моментов разговараме со светска банка за подршка на светски натпревар под нивно покровителство, а нашата улога би била да го стимулираме членството да се вклучи во ова случување. Секако, во ваквите натпревари групата се јавува и како интерен ментор и тутор за сите потенцијални учесници во смисла да примената на технологијата во рамките на зацртаното решение.

Објаснете на кратко што е .NET програмер?

.NET програмер претставува knowledge worker кој со помош на Microsft .NET технологијата ги решава бизнис проблемите. Knowledge worker затоа што се сето свое знаење го вложува во сите свои следни решенија – од идејно, концептуално па се до реализација. .NET технологија затоа што тоа е техничкиот јазикот на кој најдобро се разбираме. Резултат: мобилни апликации, десктоп и веб базирани решенија, интерфејс-богати интернет решенија (RIA), сервисно ориентирани решенија, workflow базирани системи итн. Со други зборови Windows базирани решенија за секоја потреба.


 

Колку се македонските .NET програмери во тек со светските? Дали постои потенцијал за .мк програмерите (не мора да бидат само .NET)?

Токму и една од причината за формирање на нашата корисничка група беше фактот дека секогаш кај комшијата (ни се чини дека) посадената травата е поубава. Апсолутно не се сложуваме со оваа теза, и решивме тоа мислење да го промениме. Можам да ве уверам дека во нашата држава има солиден број на професионалци и експерти кои одлично си ја познаваат и извршуваат својата работа. Слободно можам да кажам дека истите тие можат без никакви предуслови да конкурираат на регионално и светско ниво. Секако, овој настан всушност има тенденција да го демонстрира истото – да покаже дека и кај нас има познавачи, експерти и професионалци кои се спремни да ги искажат своите ставови пред многукратна публика. Секако, и групата и самиот настан има и една дополнителна мисија, а тоа е да го стимулира “подмладокот” да стреми кон остварување на тие цели!

Ова во потполност важи и за останатите програмерски заедници во Македонија. Фактот што зборуваме различен технички јазик не не разликува од потребата на програмерите ниту бизнис потребата на нашите корисници. Напротив, соработуваме и ги споделуваме знаењата и искуствата помеѓу себе. Едно од принципите на нашата група е токму споделувањето на знаење и немаме никаква претензија спрема останатите технологии и филозофии.

Доколку сакам да присуствувам на настанот, има две сали со истовремени предавања, што би ми препорачале нешто интересно од агендата?

Настанот се организира со паралелен тек на две сали, жолта или тематски опфатена целина за искуствени проблеми и решенија, и црвена во која се презентираат техничките трендови, стандарди и новости во нашата фела. Се на се 10 предавања, реномирани и докажани практиционисти, експерти и предавачи. Како дел од светска промоција, за првпат кај нас ќе бидат презентирани технологии како Windows Phone 7, C# 5.0 но и трендови како HTML5 во .NET, Managed Extensible Framework, Mode-View-ViewModel, и секако низа други искуствени презентации: Што значи да се биде софтверски архитект, Практични искуства (проблеми и решенија) со бази на податоци, Сигурносни напади и совети за заштита, jQuery како фрејмворк за правење на лесно-користливи апликации и низа совети ако сакате да започнете нова апликација!

За сите што ќе дојдат на настанот ќе има и симболичен конференциски пакет, бесплатен паркинг и интернет во текот на целиот ден. За оние кои нема да можат да не дружат, презентациите ќе можат да ги следат во живо преку стриминг на Интернет (http://0.mk/cc10-yellow, http://0.mk/cc10-red). Атмосферата ќе можат да ја следат преку Facebook профилот на групата (http://0.mk/cc10-fb) и Twitter каналите #mkcodecamp и #mkdotnet.

Сите презентации ќе бидат снимани и истите ќе бидат достапни за јавноста и после настанот.

1 коментар на “Најава зa mkdot.net Code Camp 2010 конференција

  1. Овој месец се добри вести во ИТ секторот во Македонија конечна тргна напред
    овие собри се најдоброто нешто за стимул надополнување развивање на пријателства
    Браво

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии