(Ова е гостински текст на Новица Наков, член на Слободен софтвер Македонија и aвтор на збирката поезија „Многудетна“ чии први стихови се објавија на Twitter, а потоа се претворија во книга)
_____________________________________________________________________________________________

Тоа што го поврзува времето од раните извештаи за тоа дека во Македонија има инсталација на FinFisher, до последните информации од документите објавени од Глен Гринвалд дека Македонија е една од партнер-земјите на американската разузнавачка служба, е молкот во врска со надзорот во Македонија.

Не е само дека медиумите или институциите молчат, молчиме и ние, авторите на изреката: „Ајде, за ова не по телефон“.

Бројките кои исто така бегаат од фокусот на јавноста, која што рака на срце покрај без број глупости е оптеретена и со други сериозни проблеми, се следниве:

Повеќе од половина од испитаниците на анкетата на Македонски центар за европско образование (МЦЕО) направена во март 2014 година сметаат дека граѓаните во македонија не го искажуваат слободо своето мислење. Речиси две третини од испитаниците сметаат дека тајните служби ги прислушуваат комуникациите на оние што ги сметаат за противници.

Тоа што го покажаа извештаите на светските медиуми за масовниот надзор на комуникациите е дека дигиталните технологии лесно и ефтино овозможуваат недискриминаторско следење и снимање. Ако се прашуваат тајните служби, сите сме противници.

Со оглед на тоа дека самата идеја за надзор ја попречува нашата способност да мислиме, можеби колективниот молк за надзорот и не е толку изненадувачки. Кога не мислиме ништо, нема што да биде предмет на надзор.

Сепак, тоа што ја прави нашата приказна, овде во Македонија интересна, е фактот што истовремено со ширењето на дигиталниот надзор, ние се занимаваме со расчистување на аналогниот надзор од минатото (лустрација). И додека нашата јавност е бомбардирана со, на пример, приказната на Ристо Шишков кој бил предмет на надзор во комунизмот, нашата приказна останува да чека подобри времиња.

Затоа, можеби нема подобар момент да завршиме со ремикс на цитатот кој што можеби е, а можеби и не е на Јосиф Сталин: „Надзорот на еден е трагедија, надзорот на сите е статистика“.

1 коментар на “Надзорот на сите е статистика

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии