Над 5.000 студенти добија таблет компјутер, некои од нив веќе ги продаваат

Најголем дел од студентите кои ги исполнуваат условите за ваучер за таблет компјутер, веќе ги подигнале своите ваучери, вели ИТ министерот Иво Ивановски. Околу 5.160 студенти ги подигнале ваучерите, а уште 80 треба да го направат ова пред истекот на рокот. За ваучер кои се даваат на студенти од загрозени семејства и со посебни потреби се пријавија вкупно 7.290 студенти, но само 5.273 ги исполнувале условите. Дел отпаднале поради превисоки примања, а дел не го исполниле условот да бидат редовно запишани за првпат во завршна година на студии. Според г. Иванов најголем дел од корисниците го користат ваучерот за максимални 8.000 денари, а има и дел од студентите кои доплаќаат за полуксузни модели.

Проектот е и директна инјекција во приватниот сектор за информатички технологии кој во изминатиот период се соочуваше со потешкотии во продажбата на таблетите. „Ефектот е повеќекратен затоа што дел од овие компании не само што не ги отпуштија вработените, туку и вработија нови за да можат да одговорат на барањата на студентите и да ги испорачаат најдобрите услуги“, вели ИТ министерот.

Сепак, на страна потребите на групата студенти на која оваа помош им е неопходна, останува отворено прашањето дали е од интерес на граѓаните, и со нивни пари државата да интервенира и да помага компании при продажба на таблет компјутери од ниска или во најдобар случај средна класа. Доколку владата навистина има намера да сериозно да инвестира во ИТ-секторот, тогаш далеку подобра идеја е започнување на проект со кој ќе се обезбеди компјутерска писменост од најрана возраст, можеби информатика во основните училишта или барем незадолжителни часови за програмирање. Минатата година Бил Гејтс и Марк Закенберг го поддржаа проектот Hour of Code, кој заговара дека во иднина сите ќе мораат да имаат барем минимални познавања од кодирање.

За жал и оваа година проектот не помина без контроверзии. Дел од порталите објавија податоци дека ваучерите повторно се продаваат. Факултети објави листа на огласи на кои дел од ваучерите од 8.000 денари се продаваат за 6.000 до 7.000 денари. Се чини дека главна причина за замена на ваучерите за пари е нискиот стандард, па дел од студентите ги продаваат за да покријат некоја од другите потреби. Владата се обиде да го надмине проблемот со додавање на личните податоци на ваучерите, но корисниците најдоа начин да го заобиколат и ова решение.

Таблет компјутерите можат да бидат навистина корисна алатка за дел од факултетите, за читање, пребарување или проверка на имејл, но сепак нивната употреба за завршување на посериозна работа, пред се споредено со десктоп или таблет компјутерите е во најмала рака ограничена. Неодамна и на форумот на it.com.mk се разви интересна дискусија за потребата од таблет компјутерите и нивна потреба при се поголемиот број на фаблети. Хибридните таблет/лаптоп компјутери се корисни, но за жал износот на ваучерот не е доволен за ваква алатка.

1 коментар на “Над 5.000 студенти добија таблет компјутер, некои од нив веќе ги продаваат

  1. Економски неписмен министер имаме. "Ефектот е повеќекратен затоа што дел од овие компании не само што не ги отпуштија вработените, туку и вработија нови за да можат да одговорат на барањата на студентите и да ги испорачаат најдобрите услуги“"

    Вака ако размислуваме, може сите пари да ги дадеме на ваучери за СЕ, и така ете ќе се размрдала економијата, ќе продолжи да врти тркалото, ќе се вработат нови луѓе бизнис.ехе

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии