На WWDC Apple и официјално го најави Apple Silicone

IT.mk редакција

во Вести

Епидемијата има огромно влијание на начинот на кои ги правиме дури и секојдневните работи. Apple не го откажа годинешниот WWDC настан, но значително го промени. Наместо во живо, Тим Кук овојпат отвори онлајн конференција која се одвиваше од повеќе различни локации во Купертино.

Ова секако се лоши вести, но не е сè лошо. Компанијата откри дека настанот и работилниците се бесплатно отворени за сите 26 милиони девелопери, но и за сите останати кои се заинтересирани.

Apple Silicone

Иако последен дел од конференцијата најимпресивен дел е најавата на Apple Silicone. Компанијата започнува да работи на сопствен чип за Mac, а првите компјутери со овој процесор ќе бидат испорачани пред крајот на 2020 година.

Што ќе значи ова за хардверот ќе мора да почекаме да видиме, но според најавата перформансите и потрошувачката се клучни во развојот на следниот чип за Mac.

Развојниот тим работи на повеќе процесори, според најавата ќе биде фамилија на процесори. Секако најголема предност на креирањето на процесор е можноста за прилагодување на софтверот на хардверот.

Што се однесува до постоечките апликации компанијата ветува дека ќе биде потребно единствено рекомпајлирање со Xcode и апликациите ќе бидат прилагодени на новиот хардвер за неколку дена.

Microsoft и Adobe веќе работат на верзии на Office и Creative Cloud за следната генерација на Mac. Excel, Photoshop и FinalCut веќе имаат верзии, а девелоперите и понатаму ги прилагодуваат овие апликации.

Покрај апликациите за претходните верзии на Mac, на новите Mac компјутери ќе работат и iPhone и iPad апликациите без никакви промени.

Првиот Mac со процесор на Apple ќе пристигне пред крајот на оваа година, а за неколку години ќе заврши транзицијата.

iOS 14

Новата итерација на iOS, доаѓа со бројката 14 и ќе ве врати во времето. Компанијата го вика App Library, но ова веќе сте го виделе во малку поинаква форма, иако не на iOS. AppLibrary и неколку други промени ќе ве потсетат на метро дизајнот на Windows телефоните.

Новиот оперативен систем доаѓа со можност за креирање на фолдери во iOS. Апликациите кои корисникот ги има на еден екран сега може да ги смести во една папка. Апликациите во овие фолдери се подредуваат според тоа колку често ги користите, па најкористените секогаш се на врвот на листата.

Промени има и во виџетите, и овој дел е еден од оние кои уште повеќе ќе ве потсетат на метро.

Веројатно најинтересен виџет е „smart stack“ кој овозможува паметен виџет кој во себе крие повеќе различни податоци. Содржината може да се промени во текот на денот во зависност од интересите; на пример изутрина може да ги прикажува временските услови, а навечер спортски резултати.

Ако сте сопственик на Android телефон веројатно следната надградба нема да ве возбуди премногу. Екран-во-екран-видео, овозможува видеото да продолжи да работи и да го гледате на минијатурен екран додека следите и друга содржина.

Уште една функционалностите која е надградени во оваа верзија е Siri. Новата верзија сега е попаметна кога е во прашање одговорите на прашањата. Причината за ова се новите извори на информации кои се додадени и Сири ги собира во одговорите. Подобрувањето на гласовниот асистент продолжуваат и понатаму, а ова секако е добра вест.

Преводите се нова функционалност на Сири кои досега не беше достапна. Корисникот сега може да изговори порака на еден јазик, и речиси во истиот момент се испраќа преведена порака на јазикот на соговорникот. Ова веројатно е најинтересниот додаток на iOS кој го видовме на iOS презентацијата.

Car Keys

Новиот BMW 5 ќе доаѓа со можност за отклучување и за стартување на возилото со помош на паметниот телефон. Телефонот со NFC сензорот може да ја отклучи вратата и потоа од док со притисок на старт-копчето возачот го стартува моторот.

Со ова iPhone станува своевиден дигитален клуч. Со оглед на тоа дека нема потреба од физички клуч, сопственикот на возилото ќе може да го испрати клучот преку порака.

Функционалноста доаѓа за iOS 14, но и за iOS 13. Возилото кое ја има поддршката за ова BMW 5 2021 излегува следниот месец.

App Clip

AppClip е интересна надградба на App Store. Наместо симнување на цела апликација AppClip му овозможува на корисникот да преземе и да искористи само дел од апликацијата.

Овие „делови“ можат да имаат различна функционалност, на пример плати сметка, паркинг, да се испечати нешто, да отклучи електричен велосипед и слично. Клучно е дека апликациите не се инсталираат на телефонот и дека се повикуваат директно од AppStore.

iPadOS

Новиот оперативен систем за iPad, iPad OS 14 доаѓа со слични функционалности како и iOS. Виџетите имаат иста функционалност како на iOS, но најголем дел од апликациите го користат поголемиот екран.

Поголемиот екран доаѓа со можност за подобро искористување на екранот. Apple ги намали димензиите на најголем дел од нотификациите и функционалностите како: телефонските повици или повиците од апликации, Siri и пребарувањето, кои ќе заземаат значително помал простор на екрано.

Сепак креирањето на таблетот и верзијата за оперативниот систем за поголем екран доаѓа поради желбата за продавање на уредот како алатка за продуктивност. Засега фокусот тука е на е-моливчето и можноста за комбинација за белешки и скици, и секако користење на таблетот како главна алатка за цртање.

watchOS

Apple Watch и понатаму се фокусира како фитнес додадок кој може да прави нешто повеќе од стандардните фитнес монитори. На пример потсетник како аларм за време на хранење на бебе.

WatchFace е нова, интересна функционалност за часовникот. Како што навестува името станува збор за ликот кој го има часовникот. Корисниците можат да ги споделат овие изгледи помеѓу себе. Ова не делува импресивно, но всушност е. „Сликата“ сега користи податоци од различни апликации. Штом корисникот преземе некоја „слика“ веднаш добива информација за тоа кои апликации се прикажуваат на екранот и нотификација да симнување на истите.

Часовникот сега е покорисен за велосипедистите. На мапата може да се следат податоци за велосипедски патеки, висина на точките, потреба за симнување од велосипед ако е потребно да се движите по скали и слично.

Миењето на раце е исклучително важно во овој период. Часовникот препознава кога правите гестови како да миете раце, и ќе ве потсети ако не миете раце доволно долго, или ако не ги миете рацете правилно.

macOS

MacOS има нова верзија која стандардно го добива името по планина, и овој пат тоа е Big Sur, а фокусот на оперативниот систем е работата си новиот процесор.

Засега нема премногу нови податоци, па презентацијата беше фокусирана на дизајнерски промени на иконите, тулбарот и делови од апликациите како Mail и Photos.

Една од новините кои ги видовме е Control center. Се наоѓа во десниот горен агол и може да се одберат куп контроли од осветленост на екранот до промена помеѓу светол и темен изглед.

Слично како центарот за контрола сите нотификации се поместени на една локација. Освен пораките, корисникот може да си менува и креира различни виџети, од часовникот и временската прогноза, па се до различни функционалности како пораки и мапи.

Веројатно најинтересниот дел од macOS презентацијата е делот за Safari. Од навистина многуте најави за промени веројатно највозбудлива е најавата за екстензии. Apple најави дека за прелистувачот ќе може да се користат и веќе постоечки екстензии.

Приватност

Специјален фокус оваа конференција Apple има и на приватноста на корисниците. Ова го прават преку 4 клучни чекори. Минимизирање на податоци – ова значи дека компанијата не собира повеќе податоци за корисникот отколку што е неопходно. Компанијата се обидува целата обработка на податоци да се прават на телефонот, што ќе ги задржи сите податоци на телефонот, и ниеден податок нема да излезе од телефонот. Безбедноста на уредите е секако важна, и тука нема што премногу да се објаснува.

Транспарентноста и контрола е еден од елементите кои овој пат имаат надградба. AppStore и апликациите ќе добијат нов податок, своевидна листа за податоците кои девелоперите ги собираат и обработуваат од корисникот. Листата ќе покажува и дали овие податоци ги користат за сопствени потреби или ги продаваат на трета страна. Сите податоци за ова ќе бидат јавно достапни на AppStore.

Истото е случај и со Safari. Прелистувачот сега ќе го известува корисникот за тоа што и колку податоци собира некоја веб страница, но и за безбедноста на лозинките кои можеби се „пробиени“. Ако некоја лозинка е небезбедна ќе добиете нотификации за ова.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии