На македонската хорор игра Wounded и треба краудфандинг поддршка

Wounded треба да биде играта која ќе ја стартува кариерата на младите креатори на видеоигри од Скопје. За остварување на нивниот сон, покрај ентузијазмот и талентот на Workbench studios, се потребни и финансиски средства кои тимот се одлучи да ги побара од Интернетот, преку краудфандинг на Indiegogo.

Workbench Studios е основано од средношколците Бојан Веселиновиќ, Тимоти Глигоров, Сергеј Спировски и Мартина Баракоска, кои велат дека секој слободен момент го поминуваат во развој на играта. Wounded е хорор игра со преживување, популарен жанр предводен од игри како Misery мод и Day Z, и веќе има готов трејлер. Но, финалната верзија сè уште е далеку.

„Наш сон е бидеме развивачи на видеоигри и еден ден да креираме фантастични игри во кои луѓето ќе уживаат. Во моментов напорно работиме за да ја направиме нашата прва игра. Работиме секој ден, дизајнираме и разговараме за новите идеи и што може да вметнеме во играта, отстранувајќи ги лошите работи и се обидуваме да бидеме најкреативни што можеме. Засега сме четворица, но сакаме да го прошириме тимот со луѓе кои сакаат да ни помогнат да го оствариме нашиот сон“.

Засега за развој на Wounded се потребни 3.000 долари, а покрај симболичните 1 долар кој може да се донираат бидејќи сакате проектот да успее, можете да донираате 5 долари со што вашето име ќе биде заедно со имињата на сите заслужни за креирањето на играта; за 25 долари ќе го добиете дигиталното издание на Wounded, а за 75 долари ќе ја добиете и раната верзија на играта; за 120 долари ќе добиете HD-wallpaper изработен специјално за вас, а за 500 долари вашиот 2Д-лик ќе се појави во играта, за 1.000 долари ќе можете да инспирирате дел од приказната, а за највисоките 5.000 долари покрај сето набројано ќе добиете и солзи радосници од тимот.

Средствата ќе бидат распределени како за зголемување на тимот така и за надградба од Unity3Д на Unity3D Pro. Ако не успеат да пронајдат програмер дел од средствата ќе бидат наменети токму за ова.

Доколку не можете да му помогнете на тимот финансиски, Workbench studios бараат ентузијасти кои ќе им помогнат во креирањето на нивната игра, па така доколку сте: програмер, 3Д моделар, аниматор кој сака да им помогне во креирањето на играта може да ги контактирате на Facebook страната и да видите дали можеби можете да станете дел од тимот. Дополнително можете да помогнете и со споделување на Indiegogo страната, видеото од Wounded или со ваши идеи.