МВР уапси петмина криминалци кои испразниле над 800 кредитни картички

Министерството за внатрешни работи објави дека уапсиле пет членови на прилепско-бугарска криминална банда која за шест месеци, во период меѓу декември 2012 и јули 2013 година, испразнила околу 800 кредитни картички на македонски граѓани. Вкупниот плен надминал 4,5 милиони денари или нешто над 73.000 евра.

Криминалците користеле добро познат трик за крадење на информациите од кредитните картички. Тие во 19 наврати поставувале свои скенери т.н. „скимери“ и камери на банкарските апарати за да ја прочитаат картичката и видат пинот. Потоа правеле фалсификувани картички и ги празнеле сметките. Најдобрата заштита од ваквите измами е да го проверите апаратот од кој вадите пари. Ако видите нешто додадено на банкоматот, посебно кај читачот на картичката, тогаш најдобро е да пријавите веднаш во полиција. Следново видео ќе ви ја објасни измамата.

„Иако не може да се исклучи дека постоеле и други случаи, досега е документирано дека пријавените во 19 наврати монтирале „скимер уреди“ на банкомати марка „Wincor“ на домашни банки, лоцирани во Скопје, Прилеп, Неготино, Битола и Охрид, при што прибавиле податоци од 829 платежни картички.“, објаснува портпаролот на МВР, Иво Котевски.

Криминалците ги празнеле картичките преку нелегални трансакции, вадење на пари од автомати, а имало и случаи кога ги продавале информациите на интернет. Полицијата открила 4 скимери и апарати за изготвување на фалсификувани картички, 55 фалсификувани картички и компјутери со кои се подготвувале картичките. Подолу е видео од акцијата споделено од МВР на YouTube:

[youtube]Px6vrqivZn0[/youtube]