MВР бара помош од граѓаните да пријават несовесни и опасни возачи

Министерството за внатрешни работи објави проект кој на граѓаните ќе им овозможи да ги пријават несовесните и опасни возачи преку на сајтот на Министерството за внатрешни работи. Целта на сервисот, дел од постоечкиот проект Безбеден Град, е подобрување на состојбите во сообраќајот, зголемување на безбедноста и откривање и санкционирање на сите кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Статистиката е поразителна и само во минатата година се забележани над 73.000 прекршители, па полицијата се надева дека граѓаните ќе им помогнат да излезат на локацијата која е наведена во пријавата.

„Факт е дека нема граѓанин кој не е засегнат од состојбите во сообраќајот и дека се зголемува граѓанскиот активизам, односно сугестиите, мислењата и забелешките за одредени проблеми. Затоа со проектот предвидовме граѓаните да можат на интернет страната на Министерството да испратат некаква информација или забелешка за одредени неправилности на одредени улици на кои честопати биле сведоци “, вели министерката Гордана Јанкуловска.

Несомнено е дека граѓаните имаат желба да се справат со несовесните возачи, што може да се види на Facebook групата Ѕид на сообраќајниот срам со над 5.000 членови кои редовно објавуваат фотографии од прекршоци, сепак за да функционира овој таканаречен „краудсорсинг“ на податоци т.е. пријави МВР ќе треба да биде покреативен. Тоа што можеби недостасува со проектот на МВР е покреативно изработена мобилна апликација која ќе им дозволи на граѓаните да пријавуваат и слики – кои ќе послужат како докази – од лице место, веднаш штом ќе забележат прекршоци.

Засега сервисот на МВР е, за жал, контакт форма преку која граѓаните треба да ни ја наведат локацијата и временскиот период во кој најчесто ги забележале овие појави, без разлика дали станува збор за брзо возење, некакви трки, непрописно паркирање или други непочитувања на сообраќајната сигнализација. Нивната забелешка веднаш ќе биде проследена до Секторот за сообраќај кои ќе изготват план за вршење на контрола во однос на информацијата доставена од граѓаните.