Monster Harvest е игра во која одгледувате култури и ги мутирате во уникатни сопатници

Monster Harvest е акциона RPG игра која пушта корени во земјоделство и во собирање уникатни чудовишта. Имено, садите и собирате најразлични култури кои потоа ги мутирате и водите со вас во најразлични битки. Паралелно со ова, работите на проширување на вашата фарма, крафтате најразлични работи и се борите низ егзотични локации. На хартија, сево ова изгледа апсолутно фантастично. Во пракса, меѓутоа, Monster Harvest е игра која некако не успева да ги реализира вистинските потенцијали и никако не излегува од сенката на Stardew Valley.

Во Monster Harvest чепнувате од сè по нешто. Ја расчистувате и уредувате вашата фарма, садите најразлични култури низ неа, ја уредувате вашата куќа со мебел кој самите го создавате, правите вкусни работи и, како што кажавме, создавате невообичаени сопатници. Изгледот и функционалноста на вашите сопатници е директно врзан со сезоната во која се наоѓате и културите кои ги одгледувате. Кога сме кај тоа, трите сезони се замислени значително да го ограничуваат начинот на културите што можете да ги одгледувате.

На почетокот од играта, би можеле да помислите дека играта фрла премногу работи кон вас и едноставно не знаете што прво или како да направите. Туторијалот постои, но е во основна форма и многу работи се оставени на вас за да бидат откриени. На некои би можело да засмета ваквото експериментирање, но со малку трпеливост ќе произлезе преубава фарма и бројни уникатни сопатници кои ги водите низ најразлични зандани. Битките во кои стапувате со непријателите се засновани на turn-based системот, односно со запазување редови. Системот е стабилен и доволно интересен, особено на почетокот, но премногу сигурно игра и по одредено време знае да биде предвидлив, а со тоа и здодевен.

Кога не работите на фармата или не истражувате во занданите, времето може да го поминувате во градот Planimal Point и да се дружите со бројните NPC ликови и интересни суштества. Графиката е неодоливо слатка, со живи бои и интересни анимации кои апсолутно ќе бидат ценети од ретро фанатиците. Сево ова е зачинето со милозвучна и релаксирачка музичка подлога и суптилни звучни ефекти кои градат уникатна атмоссфера.

Во Monster Harvest чепнувате од сè по нешто. Но, тоа нешто не е доволно. Сè е тука во некоја основна или недоработена форма. Играта ветува дека можете да создавате односи со бројните ликови, но ликовите се крајно еднолични, со по една-две реплики и, освен давање податоци, не можете кој-знае-што да правите со нив. Во поглед на чистење на фармата и одгледување култури, имате болно слаба кондиција и по неколку брзи активности, принудени сте да спиете па да продолжите утре. Ваквото нешто станува крајно фрустрирачко и заморно по одредено време поминато во играта. Ставете го на ова и слабата вештачка интелигенција заедно со бројни багови или недостатоци на корисни работи, како мапа, и добивате интригантен, но полу-печен производ. Искрено се надеваме дека Maple Powered Games ќе продолжат да работат на играта. Потенцијалите се тука, само треба соодветно да созреат, а потоа и целосно да се реализираат.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии